Со бетонски sидови со дебелина од 60 см и врати отпорни на бомби, грдиот нуклеарен бункер во северозападна Шкотска требаше да биде место за следење советски авиони во екот на Студената војна. За среќа, авионите никогаш не се појавиле и бункерот стана дом за музеј што ја раскажува приказната за Гаирлох, крајбрежно село на 120 километри од најблискиот град. Музејот „Гаирлох“, чие создавање ја вклучуваше решителноста на месното население, нивната силна локална гордост и импресивна визија, е награден со најголемата музејска награда во светот.
– Постигнувањата на Гаирлох беа резултат на заедничкото собирање на локалната заедница за создавање нов дом за нејзината колекција. Не само тоа, тие создадоа центар за посетители од светска класа и вистински скапоцен камен во круната на нашето село и пошироко – изјави кустосот на музејот Карен Буканан.
Музејот 40 години беше сместен во фарма што се распаѓаше.
– Дождот буквално минуваше низ таванот. Исто така, ја надраснавме зградата и ни требаше поголем простор за да ја прикажеме колекцијата и да можеме правилно да ја чуваме – вели Буканан.
Им требаше простор за ново кафуле и продавница, но воениот бункер во центарот на селото очигледно не нудеше решение. Изграден бил по војната како борбена противвоздушна операција од страв од закана од Советскиот Сојуз, но никогаш не бил користен. Музејските доверители го убедија советот да им го продаде за 1 фунта и почнаа кампања за собирање средства во висина од 2,4 милиони фунти за да го преобразат. Околу 10 отсто од парите доаѓаат од локални луѓе.
Гаирлох е неверојатно изолиран, најблискиот град Инвернес е оддалечен околу 120 километри. Колекцијата вклучува примероци од уникатната геологија на областа, вклучувајќи ги и најстарите карпи во Западна Европа, како и многу текстил, алат и мебел што говорат за социјалната историја на областа.
Жирито за наградата за „музеј на годината“ било воодушевено од приказната на Гаирлох за моќта на луѓето и локалната гордост што „создаде нов центар на заедницата и одржлива културна одредница за идните генерации посетители.“
Организаторите на годинешната награда ја зголемија паричната награда и го зголемија бројот на добитници поради кризата од корона-вирусот.
Другите музеи што освоија по 40.000 фунти беа Музејот на науката во Лондон, уметничката галерија „Таунер Истборн“, уметничката галерија „Абердин“ и галеријата „Јужен Лондон“.
Џени Валдман, директорка на Фондот за уметност, кој ја организира најголемата музејска награда во светот, рече дека сите добитници се „исклучителни примери на музеи што нудат инспирација, размислување и радост во срцето на нашите заедници“.