Обврската да им се сигнализира на другите возачи дека нешто се случува на улицата ретко се исполнува / Фото: Игор Бансколиев

Кога сте возач, не очекувате да има некаков ненадеен застој на улицата по која се движите. Но доколку се случи да има, добро е да бидете предупредени за тоа, за да имате можност да ја приспособите брзината на движење, но и да бидете предупредени за да не ви се случи несреќа и вам. За жал, триаголникот, чие поставување порано беше дел од основната возачка култура, денес ретко кој го има во своето возило, а камоли да го користи

Се игнорира Законот за безбедност во сообраќајот

Возачите многу ретко го користат триаголникот кога ќе направат сообраќајка или кога ненадејно ќе им застане возилото среде улица или на отворен пат. Навиката да им се сигнализира на другите возачи дека нешто се случува на улицата ја нема. Поради таа причина се случуваат познатите „карамбол“ сообраќајни несреќи, но и непотребно се ризикуваат животите не само на оние што во моментот се причина за застој во сообраќајот туку и на другите учесници во него.
Кога сте возач, не очекувате да има некаков ненадеен застој на улицата по која се движите. Но доколку се случи да има, добро е да бидете предупредени за тоа за да имате можност да ја приспособите брзината на движење, но и да бидете предупредени за да не ви се случи несреќа и вам. За жал, триаголникот, чие поставување порано беше дел од основната возачка култура, денес ретко кој го има во своето возило, а камоли да го користи.
– Не сум се сетил да го поставам иако знам дека е многу важно тој да се постави, првенствено заради моја безбедност. Имам учествувано во сообраќајна незгода, во која другиот учесник постави триаголник. Јас не го ни имав во возилото – вели Благоја М.
Постарите возачи велат дека таквата практика е нужна во ситуација кога има сообраќајка или, пак, возило на улицата што поради некоја причина не може да тргне.
– Не очекувате да има застој и оддалеку мислите дека возилото се движи. Но ќе биде предоцна кога ќе се доближите и ќе видите дека возилото всушност стои. Брзата реакција во тој случај е клучна, но доколку не реагирате навреме, може да го удрите возилото. И сето тоа затоа што возачот не се однесувал одговорно и не поставил триаголник на улицата – вели Сашо Трајковски.

Некои од сопствениците, пак, велат дека квалитетот на овие производи е доста лош, па некои, иако ги имаат триаголниците, не можат да ги постават затоа што паѓаат, не стојат стабилно на асфалтот.
– Сѐ што се продава е крајно неквалитетно. Не смее толку важен предмет да биде неквалитетен и да паѓа при најмала вибрација. Имам триаголник, но, ете, не ми врши работа. Паѓа од секоја вибрација од возилата, но и не свети како што треба. Залудно го имам – вели Елена Ф.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека од извршените проверки во евиденциите на Секторот за внатрешни работи – Скопје, немаат направено увид за користење или некористење триаголници.
– Од извршените проверки во евиденциите на СВР-Скопје, од извршените увиди на случени сообраќајни незгоди нема извршено увиди со наведената причина на употреба или неупотреба на триаголник за обезбедување од незгода – информираат од МВР.

Оттаму додаваат дека мандатен платен налог со глоба во износ од 35 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде односно ќе му се регистрираат 15 негативни бода во согласност со одредбите од овој закон на возачот односно сопственикот на возилото што постапува спротивно на одредбите од Законот. Исклучок од тоа е доколку сопственикот на возилото не поседува возачка дозвола. Во тој случај нему ќе му се издаде прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност, во согласност со одредбите на овој закон.


Кога треба да се користи триаголник во сообраќајот?

Според Законот за безбедност на патниот сообраќај, членот 67:
(1) Возачот, односно сопственикот на возилото е должен моторно возило, трицикл, лесен четирицикл, четирицикл, трактор, приклучно возило и запрежно возило што е запрено на коловоз да го обележи со посебен знак со кој се означува запрено возило на коловозот во случај:
– кога бил принуден своето возило да го запре на местото или на делот од патот во согласност со членот 65 од овој закон;
– кога возилото е запрено на коловоз на такво место што возачите на возилата што наидуваат од истата насока не можат или тешко можат навремено да го забележат; и
– на автопат и на пат резервиран за сообраќај на моторни возила, како и на дел од патот што не е доволно прегледен.
(2) Знакот од ставот (1) на овој член се поставува на коловозот зад запреното возило, во вертикална положба и на доволна оддалеченост, која на пат надвор од населено место не може да биде помала од 50 м, а во населено место не може да биде помала од 15 м. Знакот од ставот (1) на овој член на ист начин се поставува и кога на патот е запрена колона од моторни возила, при што во тој случај на коловозот, наместо еден, се поставуваат два знака, и тоа еден покрај друг.
(3) Ако во моторното возило е вграден уред за истовремено вклучување на сите покажувачи на правецот, во случајот од ставот (1) на овој член, тој уред треба да биде вклучен.

[email protected]