Веќе 13-ти ден трае војната на Кавказ. Вчера беше гранатирана црквата Свети Спас во градот Шуши во Нагорно-Карабах, а борбите не престануваат ни денеска.
Рускиот претседател Владимир Путин разговараше со членови на Советот за безбедност за судирите во Нагорно-Карабах.
Азербејџан и Ерменија го потврдија своето учество во консултациите во Москва, соопшти Министерството за надворешни работи на Русија.
„Баку и Јеревен го потврдија своето учество во консултациите во Москва. Во тек се активни подготовки”, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.
Ерменската амбасада во Москва објави дека шефот на дипломатијата на нивната земја, Зограб Мнакаканијан, ќе пристигне во Русија во текот на денот.
Вчера Кремљ објави дека претседателот на Русија, Владимир Путин, ги поканил шефовите на дипломатиите на Азербејџан и Ерменија во Москва.
Министерството за одбрана на Ерменија ги отфрли наводите на Азербејџан за повлекување на војската во Мингехур и Абџибад како обични гласини.
Бројот на ранети азербејџански цивили во судирите со Ерменија околу Нагорно-Карабах достигна 164, додека 31 човек го загубил животот, соопшти канцеларијата на генералниот обвинител на Азербејџан.