ГЕВГЕЛИЈА

Најновите случувања на глобално ниво наметнаа потреба да им се дадат приоритет и поддршка на секторите што се традиционално присутни во нашиот регион, а се под удар на пандемијата на ковид-19. Земјоделството и производството на храна е секторот што со години беше двигател на локалната економија. Интересот за локално произведена храна расте помеѓу потрошувачите низ цела Европа, а сѐ поприсутен е и во Македонија.
Во таа насока, во координација на Општина Гевгелија и Фондацијата за локален развој и развој на информатички технологии (ФЛОРИТ) – Гевгелија, се имплементира проектот „Избери здраво – купувај локално“, кој е одобрен за реализација од страна на Мрежата за рурален развој, а ќе биде финансиран од шведската организација „Ви ефект“.
Проектните активности опфаќаат избор на заинтересирани мали производители на храна за учество во проектот, како и нивна обука, изработка на концепт и интернет-базирана платформа за комуникација на линијата производители – потрошувачи и овозможување директна продажба, изработка на видео за промоција на системот, како и студија за утврдување клучни ризици и понудени можни решенија за постигнување одржливост на системот.

За овој проект раководителот на ФЛОРИТ, Ристо Атанасовски, изјави дека покрај Гевгелија се опфатени и општините Богданци, Валандово и Дојран, и тој има цел директна комуникација преку електронска платформа помеѓу земјоделците од овие општини и заинтересираните купувачи на земјоделски производи. Со тоа, Атанасовски очекува зголемување на заработувачката на примарните земјоделски производители, но во исто време и зголемување на довербата и партнерството меѓу производителот и потрошувачот.
Идејата е да се поврзат луѓето, да се поттикне локалниот развој во руралните средини и да се минимизира бројот на врски (линкови), односно посредници при продажбата.