ВМРО-ДПМНЕ за денеска во 18.30 часот најави протест пред Министерството за правда, преку улицата Македонија до Основното јавно обвинителство против неправди, реваншизам и политичко насилство.
– Мафија на власт, колку повеќе тоне во својот криминал и корупција, толку повеќе удира по својот народ и политичките неистомисленици. Оваа власт во недостиг на успеси и во услови на секојдневни порази на секое поле сѐ повеќе се врти кон политички прогон и застрашување.
Министерот за неправда, наместо да прави реформи, јавно се заканува и им прејудицира казни на сите што не мислат како Заев. Тоа е таа Заев-неправда по рецептот јавно да се најавуваат пресудите и од страна на Заев и од страна на министер за правда и од страна на обвинители и судии. Мафијата работи по принципот ‘мафија те тужи, мафија те суди – соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
– Затоа гледаме стотици случаи во кои мафијата на власт удира по новинари, удира по опозицијата, удира и по народот. Кацарска е наградена со место во Уставниот суд. СЈО ги изеде народните пари, а народот не виде правда. Селективната ‘луј витон правда’ не е правда, туку маша како да се заштити криминалот на екипата на Заев – додаваат од партијата.
Според нив, оние судии и обвинители кои работат по директивата на Заев потоа се унапредуваат и наградуваат. Тоа народот го гледа и затоа довербата во правосудството е минорно. Народот и ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстави на неправдата и на мафијата на чело на Заев која владее султански со Македонија.
– Доаѓа време кога овој султанизам ќе падне и кога мафијата ќе одговара за целата неправда заедно со нивните помагачи и слепи послушници кои го газат својот народ – се додава во соопштението.