Албанскиот премиер, Еди Рама, денеска изјави дека Косово и Албанија имаат намера да ги отстранат границите и дека албанското пристаниште Драч набргу ќе стане косовско.
Тој ова го рече на почетокот на седницата на албанската и косовската влада, што се одржува во Конгресната палата во Тирана, пренесува порталот „Репортери“.
„Нашата амбиција е да ја отстраниме границата меѓу Албанија и Косово. Верувам дека е важно за министрите за внатрешни работи на двете земји да ја засилат својата работа за да овозможат контрола на граничниот премин во реално време, што ќе ни овозможи, конечно, да ја отвориме границата без загуби во фронтот против нелегалните активности и против каква било форма на злоупотреба на слободата на движење“, рече Рама, пренесува „Косово онлајн“.
„Договорот што ќе го потпишеме набргу за да ги олесниме царинските процедури меѓу двете земји нè води кон крајната дестинација – трансформацијата на пристаништето Драч во де факто пристаниште на Косово“, рече Рама.
Како што се наведува, приштинската делегација во Албанија била пречекана со најголеми почести.