Лидерите на ЕУ се согласија да воведат санкции за 40-ина лица од Белорусија кога Кипар го повлече спротивставувањето поради барањата Унијата да ја казни Турција во врска со тензиите во источен Медитеран.
– Имавме двојна стратегија. Изјавуваме дека сакаме да дадеме шанса за политички дијалог. Од друга страна, ја изразуваме нашата цврстина за нашите вредности и поддршка на Грција и Кипар. Подготвени сме да се вклучиме во позитивна програма со Турција, под услов Турција да сака да учествува во попозитивна програма со нас рече претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел, на прес-конференција по првиот ден од самитот, кој заврши по полноќ.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лejен, по состанокот на лидерите на 27-те земји членки изјави дека ЕУ може да воведе санкции против Анкара доколку турските провокации и притисоци продолжат на истокот на Средоземното Море.
„Ние сакаме позитивен и конструктивен однос со Турција, a ова исто така би било во интерес и на Анкара. Но, тоа ќе успее само ако провокациите и притисоците запрат. Затоа очекуваме од сега Турција да се воздржи од еднострани активности. Во рамките на ваквите обновени акции од Анкара, ЕУ ќе ги искористи сите свои расположливи инструменти и можности – рече таа на прес-конференција.
Германската канцеларка, Ангела Меркел, и францускиот претседател, Емануел Макрон, по пристигнувањето на самитот, изјавија дека мора да се најде дипломатско решение за спорот меѓу Турција, Грција и Кипар.