Им подаваме рака на сите сограѓани. Сите заедно можеме да го спречиме палењето огнови на отворено, а со тоа и да го намалиме загадувањето на воздухот. Но истовремено водиме грижа и да им помогнеме на оние на кои помошта им е најпотребна. Нашите сограѓани што ги палат огновите заради затоплување ќе бидат упатени во еден од згрижувачките центри, истакна градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов
ГРАДОТ ЈА ПРОДОЛЖУВА БОРБАТА ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ
На самиот почеток на есента и на грејната сезона, се актуализираат прашањата поврзани со загадувањето на воздухот. Како што е констатирано од досегашните истражувања од страна на надлежните, загадувањето на воздухот во најголем дел е причинето од палењата огнови на отворено, греењето на дрва и од други несоодветни цврсти и течни фосилни горива, како и од согорувањето и издувните гасови од погонот на возилата. Палењето на стрништата е посебен проблем, кој изминатата година беше детектиран како сериозна појава во околината на Скопје, но и во другите населени места.
Зимата во главниот град може да биде доста сурова, со минусни температури, кои понекогаш знаат да паднат и повеќе од десет степени под нулата. За жал, во главниот град сѐ почеста е и сликата на лица од ранливите категории, кои користат разни штетни суровини за затоплување, на отворено. Пластични шишиња, гуми и друг штетен отпад најчесто завршуваат во огновите, а тоа е и најчестата причина за смрдеата што се шири во воздухот, особено во зимските денови кога загадувањето е на енормно високо ниво. Проблем не се само мирисот и црниот чад што изминатите зимски сезони на големо ги гледавме на фотографии на социјалните мрежи. Најголемиот проблем од оваа појава е загадувањето.
За таа цел градскиот татко, Петре Шилегов, неодамна ги повика граѓаните доколку забележат запалени огнови на отворено, веднаш да ги пријават на бесплатната телефонска линија 193, односно на бројот на противпожарната бригада на Скопје. Ова е кампања што игра сериозна улога во намалувањето на загадувањето на воздухот во метрополата и истата таа се спроведува четврта година во низа. Истата таа, според градските власти, дава одлични резултати.
– Знаеме дека палењето огнови на отворено најчесто е последица на несовесноста на одредени граѓани, но тоа често е и единствен начин за затоплување во студените зимски денови на нашите сограѓани што немаат соодветно сместување. Она што претставува дополнителен проблем е што во ваквите случаи овие луѓе најчесто горат пластика, гуми, неквалитетни дрва и друго, кои многу придонесуваат за загадување на воздухот – истакна Шилегов.
Според него, Градот веќе четири години работи на овој проблем и на негово решавање.
– Им подаваме рака на сите сограѓани. Сите заедно можеме да го спречиме палењето огнови на отворено, а со тоа и да го намалиме загадувањето на воздухот.
Но истовремено водиме грижа и да им помогнеме на оние на кои помошта им е најпотребна. Град Скопје преку сопствениот инспекторат и Територијалната единица за противпожарна заштита, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст, организира мешани тимови што работат секој ден, 24 часа, во борбата против огновите на отворено – рече тој.
Според досегашните информации, годинава на телефонскиот број на противпожарната бригада биле пријавени 49 огнови на отворено, додека минатата година биле пријавени 162 огнови на отворено. Во 2018 година, пак, биле пријавени 251 оган на отворено.
Во 2017 година, на почетокот на оваа кампања за неполн месец, биле пријавени 54 огнови на отворено.
– Од тие причини уште еднаш ги повикуваме граѓаните активно да се вклучат во борбата против загадувањето на воздухот и сите случаи на палење огнови на отворено да ги пријават во кол-центарот, на телефонскиот број 193. Тука сакам да нагласам дека телефонското пријавување преку 193 е најбрзиот и најефикасен начин на пријавување. Тоа е бројот на противпожарната единица, која е единствената служба што има брз и проверен систем за реакција и ги активира сите потребни служби со намера мешаните тимови навреме да излезат на терен – нагласи градоначалникот на Скопје.
Според него, доколку граѓаните сакаат да се намалат ваквите појави, потребно е истите тие да ги пријавуваат, а не да објавуваат фотографии на социјалните мрежи, затоа што само со пријавување граѓаните ќе можат да влијаат на намалувањето на огновите, со тоа што оние лица што ги палат за да се затоплат ќе бидат сместени во згрижувачки центри.
– Дежурните екипи ќе ги процесираат сите пријави, односно огновите ќе бидат изгаснати, а нашите сограѓани што ги палат огновите заради затоплување ќе бидат упатени во еден од згрижувачките центри. Затоа, наместо објавување на Фејсбук или на другите социјални мрежи ги повикувам граѓаните да пријавуваат исклучиво на 193. Природата на оваа работа е таква што тимовите можат да работат ефикасно само доколку се реагира брзо на единствениот проверен начин, а тоа е телефонскиот повик на 193. Сѐ друго е непотребно губење време – нагласи Шилегов.
Оваа кампања, кампањата за спречување на палењето стрништа, односно остатоците од берба, и субвенциите за чистење на оџаците во домаќинствата се едни од најважните кампањи на Град Скопје за издигање на свеста во борбата против загадувањето на воздухот.