Хит-бојата на 2021 година се вклопува секаде
Американската компанија специјализирана за бои „Шервин-Вилијамс“ најави која ќе биде хит-боја за 2021 година кога станува збор за уредување на ентериерот и екстериерот. Во годината што следува ќе владее топла темносива боја, богата со сиви поттонови, боја што „Шервин-Вилијамс“ ја нарекуваат урбана бронза. Ја опишуваат како боја што поттикнува опуштање, нуди утеха, занес, моменти на уживање. Од компанијата дополнуваат дека бојата нуди мир, кој ни е потребен за време на пандемијата.
– Домот сега е најдоброто засолниште од светот, а со бојата на лесен и влијателен начин може да се создаде сопствен рај. Урбаната бронза ве поттикнува да создадете сопствено засолниште за размислување, самообновување – вели Сју Ваден, маркетинг-директорка во „Шервин-Вилијамс“.
Оваа неутрална боја е дел од палетата „Сенчари“, која компанијата ја состави за 2021 година, а предвидува потреба за рамнотежа во дизајнот во идната година. Бојата го спојува дизајнот од седумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век со современиот дизајн. Најдобро се комбинира со други топли неутрални тонови, како светла нијанса сива или светлозелена. Исто така се спојува со материјали како дрво, камен, ткаен текстил и метал.