Виртуелно патување низ Европа

Погледот во културата значи поглед во иднината. Тоа е наша интимна средба со самите себе. Бидејќи кога ќе се најдете на плоштадот во Познањ, или пред Mузејот нa транспортот во Глазгов, кој изгледа како отчукување на срцето на хартија, ќе почувствувате необјасниво задоволство. Кога ќе ве прегрне студениот Берген, нема да чувствувате студ туку топлина. Во Ротердам ништо не смее да ве изненади, а во Брага ќе бидете уплашени бидејќи ќе чекорите по стрмните барокни скали кон небото, како кон Господ. Во малиот Мез ќе бидете голем Французин, а во Ахен ќе го смените засекогаш мислењето дека малите градови се неинтересни. Во Грац ќе сфатите што значи да се биде вечно млад, како Оскар Вајлд и најпосле, во ниеден од овие градови нема да се чувствувате како странец.

Познањ
Кога би играле асоцијации, прва пречка би била Познањ. Што прво ви паѓа на ум. Тука нема Ајфелова кула, Карлов мост, Акропол. Сепак, тој е еден од најзначајните градови на културата во Европа. Сите малечки улици водат кон стариот плоштад од 13 век и зградата на Градското собрание, најубавата ренесансна градба во Источна Европа, со часовник над кој ве гледаат две бели дрвени кози. Безброј трговски куќи се нижат како пабовите во Даблин. Кога ќе стигнете до катедралата со две високи кули, ќе дознаете дека е најстара во Полска и е симбол на нивната државност. Влезете и погледнете го фасцинантниот витраж. Меѓу нештата што мора да се видат е и дворецот на германскиот крал Вилхелм Втори, а старата пиварница сега е уметничка област.

Берген
Берген е многу студен град. Првпат се споменува во документите за Кнаусгоровата битка. Прво што ќе видите се нанижаните пристанишни куќи, а во една од нив почнала успешната ера на Ханза, сојуз што траел 400 години и држел монопол на Балтичко Море до 17 век. Качете се со жичница на врвот на ридот и погледнете го градот од височина. Посетете го и аквариумот каде што ќе видете многу чудни животни и повторно вратете се во минатото, во музејот „Коде“, каде што ве чекаат збунувачките слики на Едвард Мунк, најпознатиот норвешки сликар.

Ротердам
Ротердам е како сунѓер, постојано се обновува. Сѐ што ви е потребно за почеток е велосипед. Во овој град има повеќе велосипеди од луѓе. Ако почувствувате дека градот е планета за себе, во право сте. По Втората светска војна жителите одлучиле да не обрнуваат внимание на остатокот од светот. Мотото на Ротердам е: „Светлина, воздух и космос“. Тука сѐ е можно и ништо не може да ве изненади. Ќе забележите пачкворк-архитектура, градбите „Нус Буоен“ се наоѓаат покрај зградите од 1960-тите и 1970-тите години. Затоа прво посетете ги Коцкестите куќи, изградени да покажат дека е можно да се живее во такви простори. Музејот „Бојманс – Ван Бебинген“ ги чува платната на Ван Гог, Дали и на Пикасо, а колекцијата допира до средниот век.

Ахен
Ахен е многу мал, но град со големо значење, пред сѐ, поради географската положба. Како стражар, стои на точката каде што се сретнуваат три земји: Германија, Белгија и Холандија. Некогаш токму тука се крунисувале сите цареви, а Ахен бил центар на европската култура. Денес пиво се пие по кафеаните, а вода од чешмите и фонтаните, по кои е градот познат. Музејот „Зирмонт-Лудвиг“ има прекрасни скулптури од 12 век и богата колекција на холандското сликарство. Малиот Ахен има и Музеј на весниците, а во секоја уличка може да пронајдете парче историја, долга две илјади години.

Мез
Малиот француски град Мез е привлечен и со културата и со забавата. Во центарот „Помпиду“ ќе ја погледнете колекцијата на француско сликарство, театарски претстави и концерти, а мора да ја видите и зградата на архитектот Шигеру Бан, кој проектирал градба во вид на хексагон.

Грац
Грац не е скромен во својата убавина и сака да биде во центарот на вниманието. Отсекогаш бил авангарден и славен, нарцисоиден и суетен, но и достоинствен. Ги издржал нападите на Турците и станал симбол на средбата на две цивилизации. Бил жртва на Втората светска војна, но ги зачувал барокниот раскош и готската орнаментика. Од главниот плоштад тргнете кон катедралата на Фредерик Трети, а подоцна до Градската куќа. Грац има и голем Природонаучен музеј. Во поново време и изграден Муринсел, стаклен остров, кој со кривулест мост спојува два брега. Тука е и Куќата на уметноста, зграда што изгледа како странец во градот, кој сите го сакаат.

Глазгов
Овој град како и Лондон е многу вообразен и постојано зафатен. Има сѐ, од паркови и градини, до викторијанска и современа архитектура. Мирен е и див во исто време, но на различни места. Се фали со големите музичари што оттука го освојувале светот: Франц Фердинанд, Бел, Себастијан и Трејвис. Космополитизмот најмногу се гледа во изгледот на зградата на Музејот на транспортот. Тука можете да видете како прават дизајнерски мебел во „Мекинтош“, каде што уште кон крајот на 19 век пионерот на применетата уметност, Рене Макинтош, ги споил келтскиот и јапонскиот стил во ентериерите.

Брага
Не треба да се потценува Брага, иако е во сенка на Лисабон. Од огромното португалско поморско царство останала само убавината на градовите и не се знае кој е поубав, дали Порто, Синтра или Кашкаиш. А Брага, има своевидна духовна моќ. Тоа е португалски Рим, бидејќи не можете да ги изброите сите нејзини катедрали. Брага ја сакаат и Шпанците. Тука се наоѓа и светилиштето на добриот Исус од Монте, со најубавите барокни скалила на светот. И градината на Санта Барбара е беспрекорно уредена, како создадена за читање книги во природа. Во Португалија велат: „Стар си како катедралата во Брага“, бидејќи таа е изградена во 3 век, пред Португалците да се формираат како народ.