Фото: Маја Јаневска-Илиева

Без разлика на тоа со колкава предност влегуваме во мечот, ќе дадеме сѐ од себе да се избориме за нова победа и да обезбедиме пласман во групната фаза од ракометната Лига на Европа, изјави организаторот на играта на Металург, Марко Тарабокија, пред реваншот утре, од 18.45 часот во Цирих

РАКОМЕТ – МЕТАЛУРГ УТРЕ ГОСТУВА КАЈ ЛУЦЕРН ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЛИГАТА НА ЕВРОПА

Свесни сме дека ни претстои исклучително тешка задача во утрешниот реванш-натпревар со швајцарскиот тим Луцерн, кој покажа солидна игра на гостувањето во Скопје и не ни дозволи да направиме поголема разлика. Но без разлика на тоа со колкава предност влегуваме во мечот, ќе дадеме сѐ од себе да се избориме за нова победа и да обезбедиме пласман во групната фаза од ракометната Лига на Европа, изјави организаторот на играта на Металург, Марко Тарабокија, во пресрет на реваншот утре, од 18.45 часот во Цирих (Швајцарија).
Тоа е натпревар од второто квалификациско коло за пласман во новоформираното натпреварување на Европската ракометна федерација (ЕХФ), во кое Металург ќе влезе со предност од два гола од победата во првиот меч, во Скопје, со 26-24.

– Предноста од два гола не е голема, но може многу да значи. Во изминатите неколку дена ја анализиравме нашата игра, работевме на отстранување на грешките од првиот меч и се надевам дека со максимален ангажман на сите на теренот, ќе можеме одново да се радуваме на победа и да продолжиме на патот кон ракометна Европа – вели Тарабокија.
Во меѓувреме Ракометната федерација на Македонија ги стопира натпреварите во групата Б од домашното првенство, па Металург принудно прескокна два од предвидените првенствени натпревари во пресрет на реваншот со Луцерн. Швајцарскиот тим, пак, забележа важна победа во домашниот шампионат, победувајќи го актуелниот првак Кадетен Шафхаузен со 32-24 (17-11) и ја презеде првата позиција на табелата.

Најефикасни во победата на Кринс Луцерн над Кадетен Шафхаузен беа белорускиот бек Глеб Харбуз со осум и хрватскиот пикер Филип Гаврановиќ со седум погодоци. Словенечкиот организатор на играта на Луцерн, Јануш Лапајне, не беше во игра.
За утрешниот реванш тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ, на располагање ќе ги има сите ракометари од првиот натпревар во Скопје, во кој најефикасни беа десното крило Златко Хорват и централниот бек Тарабокија, со по осум гола. На таа средба по трипати реализираа Бранко Канкараш и Мартин Серафимов, а по еден гол запишаа Милан Поповиќ, Маријан Мариќ, Милан Лазаревски и Стефан Додиќ.