Британската кралица Елизабета Втора и нејзиното семејство се соочуваат со загуба од 35 милиони фунти поради пандемијата на коронавирус, делумно поради намалениот број туристи, пренесува „Асошијетед прес“, повикувајќи се на изјавата на Мајкл Стивенс, менаџерот што се грижи за парите на кралицата.
Според Стивенс во тек на следните три години ќе се намали приходот од намалениот број туристи, што ќе придонесе за загуба на 15 милиони фунти.
Тој поради пандемијата, исто така, веројатно ќе има недостиг од 20 милиони фунти во 10-годишна програма од 370 милиони фунти предвидени за замена на застареното греење, водовод и електрична инсталација во Бакингемската палата, домот на кралицата во Лондон.
Според официјални лица, старата инфраструктура во палатата, која последен пат била обновена по Втората светска војна, е голем ризик доколку не биде заменета.
Стивенс рекол дека кралското семејство нема да бара повеќе државни пари, но „ќе се обиде со сопствени приходи да ги реализира плановите“.
Бакингемската палата веќе вовела замрзнување на платите на вработените и на вработување.