Воен авион АН-26 се урна во близина на градот Чугуев во регионот Харков, јавува агенцијата Депо Харков, повикувајќи се на извори во Министерството за одбрана на Украина.
Бројот на загинатите во падот на украинскиот воен авион се искачи на 25, соопшти Кабинетот на украинскиот генерален обвинител.
– Според првичните информации, загинаа 25 лица. Двајца се пренесени во болница во сериозна состојба – соопшти канцеларијата.
Според украинските служби за итни случаи, во авионот имало 27 лица, а не 28, како што беше претходно најавено, пренесува ТАСС.
Канцеларијата наведува дека е поведена кривична постапка поради обвиненија за кршење на правилата за безбедност на летот и подготовка на летот, „што доведе до катастрофа и други сериозни последици“.
Во меѓувреме, властите во регионот Харков во Украина прогласија Национален ден на жалост за жртвите од падот на украинскиот авион АН-26.
Во уредбата на гувернерот, објавена на веб-страницата на администрацијата, се вели дека на Денот на жалост, националното знаме ќе се спушти на половина копје на сите згради на државните органи, компании, агенции и организации и дека ќе им биде поставена лента за жалост. Сите забавни и спортски настани според препораките треба да бидат откажани, пренесува ТАСС.
Несреќата се случи синоќа при слетување на авионот. Покрај членовите на екипажот во него се наоѓале и кадети од Универзитетот за воздухопловство во Харков кои биле на обука.
Снимките од местото на несреќата беа објавени на Интернет.
Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, изјави дека ќе го посети регионот Харков, кадешто се урна воениот авион Ан-26.