Министерството за внатрешни работи (МВР) го приведе С.И. (32) кој вчера го нападнал дежурниот лекар на Клиниката за токсикологија и против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
С.И. го нападнал лекарот, кој завршил со расекотини и хематом, откако лекарот му рекол дека неговото малолетно дете, со кое таткото бил на Клиниката за токсикологија, треба да се однесе на педијатрија.
Министерот за здравство Венко Филипче го осуди инцидентот.
– Најостро го осудувам овој чин, нема оправдување за насилство. За жал, ова не е прв ваков инцидент. Лекарите често се изложени на вербални и физички напади. Да не заборавиме дека овие луѓе се грижат за нашите блиски и спасуваат човечки животи.
Насилството не е решение и не смее да биде. Ги повикувам институциите целосно да го истражат случајот и соодветно да санкционираат – кажа Филипче.