САД – Пратка што содржела потенцијално фатален отров рицин е испратена до Белата куќа. Си-ен-ен тврди дека пратката била адресирана до претседателот Доналд Трамп, додека „Њујорк тајмс“ пишува дека е испратена од Канада. Пратката била забележан во владиниот центар за дистрибуција на пошта пред да пристигне во Белата куќа, објавија медиумите.
Американската тајна служба, телото што ги штити највисоките функционери, спроведува истрага и проверува други заштитени лица за да открие дали можеби се испратени повеќе пакети на други адреси, јави Си-ен-ен. Писма со смртоносната супстанција биле испратени и до локалните полициски канцеларии во Тексас, изјави официјален претставник.

Италија – Италијанците вчера гласаа на регионалните избори, од кои најважни се оние во Тоскана, за кои аналитичарите велат дека може да го сменат изгледот на крајната десница. По пандемијата и карантините, ова е прв тест на државно ниво за владата на премиерот Џузепе Конте, составена од левичарската центристичка Демократска партија и популистичкото движење „Пет ѕвезди“. Изборите исто така може да бидат исклучително важни за крајната десница со Лига на Матео Салвини.

Русија – Повеќе од 60.000 луѓе се пријавиле доброволно да учествуваат во испитувањата на руската вакцина против ковид-19 во Москва, вели градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин. Собјанин додаде дека повеќе од 700 луѓе ја примиле вакцината „спутник V“ како дел од тестирањето и дека сите се чувствуваат добро.

Шпанија – Шпанија воведува рестриктивни мерки поради зголеменото ширење на коронавирусот. Полицијата од понеделник ќе ги контролира излезите и влезовите на жителите во некои делови на Мадрид и околината, чија активност ќе биде присилно ограничена за да се запре ширењето на коронавирусот.
Регионалната влада на Мадрид објави специјални мерки во петокот во 26 области на самиот град и во 11 предградија, главно на југот и југоистокот, каде што традиционално живеат посиромашни граѓани и мигранти. Жителите фатени како ја прекршуваат одредбата ќе бидат казнети со 600 евра, а финансиските санкции може да достигнат до 600.000 евра, што главно се однесува на деловни објекти. Забрането е напуштање на тие делови од градот, но и влегување во нив во следните 14 дена.