Продажбата на дресови во голем пад?
Празните трибини на англиските фудбалски стадиони за време на пандемијата на ковид-19 имаа огромен, негативен ефект врз продажбата на клупските дресови реплики, според бројките објавени на интернет-платформа за онлајн купување. Поради пандемијата и со оглед на тоа што луѓето натпреварите ги гледаат од дома, побарувачката за дресови падна на најниско ниво последниве пет години, со пад од 63 отсто пребарувања преку интернет во споредба со лани, покажуваат податоците на платформата „Лавдсејл.ком“.
Лани фудбалските навивачи во Велика Британија потрошиле околу 24 милиони фунти само на дресови реплики на клубовите од Премиер-лигата. Сега клубовите може да се соочат со пад на приходот од 15 милиони фунти од продажбата на дресовите. Новиот дрес на Арсенал засега е најпопуларен сезонава, потоа на Челси, Ливерпул, Манчестер јунајтед, Манчестер сити…
– Не е тајна дека скапите трансфери, претсезонските турнеи и многуте гледачи на мечевите имаат огромно влијание врз продажбата на дресови во август за англиските клубови. Без последните два фактора во 2020 година, побарувачката за дресови драстично е намалена. Фудбалските клубови мора да се приспособат на новата нормала и со гледачите да комуницираат поинаку – вели Стјуарт Меклир, коосновач на платформата. Л.Д.
ФУДБАЛ – РАНГ-ЛИСТА НА ФИФА
Македонија е на делба на 66-то место, Белгија и понатаму води
Македонската репрезентација, по победата и ремито во двата меча во септември, во Лигата на нациите, скокна две места во однос на минатото рангирање и сега е на делба на 66-та позиција на најновата, септемвриска ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Селекциите на Македонија, Саудиска Арабија и на Албанија имаат по 1.351 бод.
Со исклучок на пријателската средба Узбекистан – Таџикистан, сите други натпревари одиграни во септември беа меѓу европски репрезентации, пишува ФИФА на својата интернет-страница. Така, 54-те меча на Европската фудбалска унија (УЕФА) во второто издание на Лигата на нации, во почетокот на септември, имаа непосредно влијание врз ранг-листата на ФИФА, која остана непроменета од 9 април, по појавата на пандемијата на коронавирусот, пишува ФИФА.
На врвот на листата немаше никакви промени кај првите четири репрезентации, па и понатаму води селекцијата на Белгија, пред Франција, Бразил и пред репрезентацијата на Англија. Но Португалија скокна две места и сега е петта, пред Уругвај, Шпанија, Хрватска, Аргентина, Колумбија… Репрезентацијата на Русија се наоѓа на 32-та позиција, но има најголем напредок во ова издание на листата, искачувајќи се за шест места благодарение на двете победи во септември во Лигата на нации, пишува ФИФА. Следната ранг-листа на ФИФА треба да биде објавена на 22 октомври.
АТЛЕТИКА – ЗА ТРКАТА ВО ЛОНДОН
Само елитни маратонци и преполовен награден фонд
На 40-от маратон во Лондон годинава, кој треба да се одржи на 4 октомври, ќе трчаат само елитни атлетичари, во биосигурносен меур, што значи дека ќе изостане „масовниот настан“ со 45.000 учесници, без публика на патека околу паркот „Сент Џејмс“ во близината на Бакингемската палата.
Поради пандемијата на ковид-19, намален е наградниот фонд за трката речиси за половина. Лани организаторите поделија 313.000 долари во вид на награди за елитните тркачи, плус уште 850.000 долари како бонуси за истрчани времиња. Новата финансиска реалност значи дека победниците ќе заработат значително помалку од 55.000 долари колку што изнесуваше наградата за триумф во 2019 година. Но првпат ќе има посебен фонд награди за британските спортисти со најдобри резултати.
Организаторите истакнуваат дека Мохамед Мо Фара ќе се обиде да им помогне на маратонците да го истрчаат потребното време од 2:11,30 часа, за пласман на Летните олимписки игри во Токио в година. Другите 45.000 тркачи избрани меѓу 457.000 пријавени, ќе можат виртуелно да се натпреваруваат буквално на која било локација во светот. Тие се поканети да ја истрчаат или да ја препешачат делницата од 42,2 км, со паузи доколку им е потребно, во текот на 23:59,59 часа на 4 октомври за што ќе добијат пригодни медали. Лани лондонскиот маратон собра 66,4 милиони фунти за добротворни и други цели.