Во Кривичниот суд за денеска се закажани рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Насилство во општина Центар“ и „Тендери“.
На минатото рочиште за предметот „Насилство во Центар“, во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, екс советничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште деветмина други лица, беа сослушани тројца поранешни советници во општина Центар.
Тројцата сведоци, кои тогаш биле советници во општина Центар од редовите на СДСМ, сведочеа дека на 10 јуни 2013 година имало организирано напад во општината од изманипулирана и организирана толпа на граѓани кои извикувале пцости и недолични зборови.
Сведоците истакнаа дека меѓу точките од дневниот ред на петтата седница на Советот на Општина Центар немало точка за рушење на црквата „Св. Константин и Елена“.
На претходните рочишта за овој предмет, вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни. За седмообвинетиот Димче Крстев, пак, се води одвоена постапка.
Ново рочиште денеска треба да се одржи и за предметот „Тендери“ во кој првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска во врска со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“.
Во овој случај обвинети се уште двајца членови на Комисијата за јавни набавки.
Според обвиниението дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.
На минатото рочиште беа изведувани материјални докази од страна на обвинителите од СЈО.