Министерството за животна средина и просторно планирање, согласно информациите добиени од компанијата „Екоцентар 97“ ДООЕЛ Скопје, и извршените вонредни инспекциски надзори на Државниот инспекторат за животна средина, соопшти дека е завршено безбедно преточување во нова цистерна на винилхлорид мономерот кој што се наоѓа во кругот на поранешниот индустриски комплекс ОХИС.
– Активноста ја реализираше компанијата „КУРИУМ“ од Франција, која има долгогодишно искуство и е специјализирана во преточување на ваков вид на опасен отпад. Во периодот на реализација на активноста беа запазени сите безбедносни прописи. Следува фаза на транспортирање за што се обезбедени сите потребни документи, а се очекуваат точните датуми на транзит на цистерната со опасен отпад низ од државите до конечната дестинација – Германија – соопшти Министерството.
Од таму наведуваат дека до 2 март оваа година реализирани се три од вкупно пет планирани извози на опасен отпад спакуван во соодветна амбалажа за меѓународен транспорт. До сега се извезени околу 55 од вкупно 80 тони опасен отпад кој веќе е пристигнат и предаден во „Валорек Сервисис АГ Базел“, инсенератор во Швајцарија каде што на безбеден начин ќе се уништи. Останатите количини на хемиските супстанции се безбедно спакувани во соодветна амбалажа и се очекува во текот на наредните две недели успешно да се транспортираат и извазат од земјата.
По завршувањето и на последната активност за преточување и соодветно пакување на винилхлорид мономер, како и негов извоз во Германија, во компанијата „СУЕЗ“, која поседува дозвола за горење на опасен отпад, ќе бидат реализрани сите активности предвидени со проектот „Безбедно отстранување на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД ОХИС Скопје”, спроведуван од компанијата Екоцентар 97 ДООЕЛ, Скопје.