Општина Новаци во иднина со сопствени автобуси, минибуси и комбиња ќе ги  превезува учениците. Ова беше речено за време на денешната посета на министерот
за локална самоуправа Горан Милевски и директорот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион Гого Видимче на Новцаи.

– Со финансиска поддршка од локалната самоуправа преку Бирото за рамномерен регионален развој и Пелагонискиот плански регион обезбедени се две нови возила за Општина Новаци. Тоа е минибус со 30 седишта и комбе со 9 седишта. Финансиската конструкција е 4.200.000 денари помош од Министерството за локалната самоуправа и 2.500.000 денари сопствени средства од буџетот на Општина Новаци. Со овие возила ние ќе ги превезуваме учениците до централното основно училиште во Новаци кои доаѓаат од петто до деветто одделение и следат настава во Новаци. Освен заштеда и поврат на инвестицијата повеќе ќе немаме проблеми со превозот затоа што често се случуваше по неколку часа учениците да чекаат превоз заради зафатеност на приватните превозници, или дефект но и од други причини. Покрај овие две возила имаме уште други две комбиња кои ги вклучуваме во превозот на учениците и еден автомобил, така што се надевам дека оваа година со почетокот на учебната година на 5. октомври ќе немаме никаков проблем за превозот на учениците од основното образование – истакна градоначалникот на Новаци, Љубе Кузманоски.

На промоцијата на купените возила присуствуваше и министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.

– Денеска сме во Општина Новаци со цел да направиме увид на оние набавки кои што се реализирани со средства од Министерството за локална самоуправа преку Бирото за рамномерен регионален развој и Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион. Во Новаци набавивме еден мини-автобус со 30 седишта и комбе со 9 седишта кои што ќе бидат во функција на учениците и на тој начин Општина Новаци и градоначалникот ќе го решат проблемот со превозот на учениците, ќе се заштедат средства и општината комплетно ќе си го превземи тоа организирање што е за поздравување бидејќи знаеме дека сите општини имаат проблем со организирањето на превозот на ученици. Со ова всушност докажуваме дека ние инвестираме паралелно како во градските средини така и во руралните средини бидејќи нас граѓаните ни се подеднакво важни независно каде живеат. Финансиската конструкција на овој проект е 6.600.000 денари дел од Министерството за локална самоуправа, а дел на од буџетот на Општина Новаци – истакна министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.

М.М.