Седиштето на Мекларен во Вокинг, едно од најголемите технички достигнувања на славниот британски тим, е на продажба за 200 милиони фунти, пари со кои тимот се обидува да излезе од финансиската криза.
– Потенцијалната продажба или изнајмување на нашето седиште е дел од нашата програма за рефинансирање, што ја објавивме оваа година. Со планот Групацијата Мекларен ќе има одржлива платформа за долгорочен раст и инвестиции – објави портпаролот на тимот.
Минатиот месец компанијата потврди дека е во загуба 184 милиони фунти во првите шест месеци во 2020 година поради коронавирусот – намалените приходи од Формула 1-шампионатот, како и намалената продажба на нивните суперавтомобили.
Официјално, „Мекларен технолоџи центар“ е изграден во 2004 година и се состои од две згради – оригиналната зграда, која е седиште на Групацијата, и новата фабрика, изградена во 2011 година. Таму работат речиси 1.000 луѓе.