Не постоеше план за насилство на конститутивната седница, сведочеа дел од пратениците повикани од одбраната на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, на денешното рочиште од судењето за настаните од 27 април 2017 година.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, пред судот изјави дека никој не информирал за некаков план, ниту за тоа се разговарало на координација во Собранието. И пратеникот Панчо Минов истакна дека немал сознание за каков било план за загрозување на уставниот поредок во државата.
На последното рочиште одржано минатиот месец, на предлог Вељаноски беше презентиран видеозапис од продолжението на конститутивната седница на 27 април 2017 година. Неговата одбрана во овој процес повика околу 50 сведоци.
Обвинети во овој предмет, покрај Вељаноски, се и поранешните министри за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.