Од дадениот збор на лидерот на граѓанското движење УРА и коалицијата „Црно на бело“ Дритан Абазовиќ, зависи формирањето на новата владина коалиција во Црна Гора, односно очекуваното обединување на опозицијата кое по 30 години ќе ја отстрани од власт партијата на Мило Ѓукановиќ, ДПС. Токму затоа, младиот политичар се огласи по повод бројните шпекулации поврзани со неговата одлука.
– Давам збор дека коалицијата „Црно на бело“ нема да подлегне на ниту еден притисок и дека ќе се води само според националните интереси за Црна Гора, а најголемиот интерес е завршувањето на транзицијата и формирањето на експертска влада – напиша Абазовиќ на Твитер.
На изборите одржани во недела, коалицијата „Црно на бело“ освои 5,53 отсто од гласовите, со што доби четири пратенички мандати кои ќе бидат пресудни за формирањето на опозициската коалиција со „За иднината на Црна Гора“ (има 27 пратенички места) и „Мирот е нашата нација“ (10), која ќе има мнозинство од 41 пратеник во парламентот. Тројцата колациски лидери Здравко Кривокапиќ, Алекса Бечиќ и Абазовиќ на состанокот во понеделникот постигнаа договор за формирање на експертска влада која ќе работи на реформите за влез на Црна Гора во ЕУ и на реформирање на дискриминаторските закони во државата.
Триесет и четиригодишниот Абазовиќ е доктор на политички науки кој повеќе од една деценија е на политичката сцена во Црна Гора. Абазовиќ е Албанец роден во Улцињ кој дипломирал на Факултетот на политички науки во Сараево, а магистрирал во Црна Гора, за потоа да го обрани докторатот во Сараево. Тој се усовршувал на универзитет во Осло, а учествувал и на стручни програми во САД, Луксембург, Шпанија, Австрија, Белгија и во Словенија. Од април 2017 година е претседател на граѓанското движење УРА. Иако Абазовиќ е идеолошки поблизок со партијата на Ѓукановиќ ДПС, откoлку со просрпските партии од опозицијата, тој отсекогаш истакнувал дека неговата цел е борбата против власта.
Абазовиќ ја пропагира идејата на мултиетничност од која не отстапи ниту во изборната кампања и се залага за формирање на експертска влада. Зборувајќи за можноста за коалицирање, истакна дека „не ги сака ни фашистите, ниту националистите. Извесно е дека формирањето на новата влада, а со тоа и индината на Црна Гора зависат од неговата беса (даден збор што се смета за светост во традиционалната култура на Албанците – н.з.). М.Ж.