Во пресрет на 28 Август, Денот на рударите, Министерството за економија го честита празникот на сите рудари.
– Рударството претставува базата за развој на индустријата во една држава, а рударите претставуваат наш бесценет човечки ресурс и должни сме да им обезбедиме што подобри услови за работа. Во таа насока, заложба на оваа Влада е да озбезбеди одржливо рударство, преку користење на најдобрите и најсовремени техники во оваа индустриска гранка, а влијанието врз животната средина и здравјето на луѓето да се сведе на минимум – се посочува во соопштението.
Во него се истакнува дека овој стопански сектор и придружните сектори кои го опслужуваат бројат над 10.000 вработени, а во вкупното индустриско производство секторот рударство и вадењето на камен учествува со 8,3%.
– Натамошниот развој во овој сектор е единствено можен со континуирани вложувања во модернизација со што ќе се обезбеди заштита на животната средина и ќе го поттикне локалниот економски развој – посочуваат од Министерството за економија и додаваат дека Владата со несмалено темпо ќе ги продолжи планираните активности во секторот рударство.
Годинава традиционалната прослава по повод Денот на рударите, која ја организира Министерството за економија, нема да се одржи поради епидемијата предизвикана од коронавирусот, но на сите рудари министерството им посакува добро здравје, мир и благосостојба.