Скопскиот книжевен фестивал за мали фикции „Друга приказна“ годинава ќе се одржи по петти пат во Младинскиот културен центар и ќе трае од 3 до 5 септември.
Фестивалот годинава е под наслов „Грозовилата од страшната шума“ (според истоимената книга на Јана Бауер).
Јана Бауер, писателка за деца од Словенија, е добитничка на главната награда, а фестивалот е посветен на книжевноста за деца.
Во трите фестивалски денови предвидени се десетина настани, од кои повеќето се со и за деца.
Организатор на фестивалот е Никола Гелевски, кој овојпат зборува за важноста на книжевноста за деца, но и за литературата и фестивалите, воопшто.
„Друга приказна“ умешно прави секојпат да биде друга приказна. Овојпат фокусот е на литературата за деца. Што ве поттикна да направите ваков пресврт?
– „Друга приказна“ е фестивал што книжевноста ја третира малку поинаку. Детската книжевност е многу важна гранка на книжевноста, ама запоставена и потценета, особено во слабо развиените култури. Детската книжевност (или книжевноста за деца) произлегува од фолклорот и од најархаичните книжевни форми базирани на мрморење и чкртање (според славниот теоретичар Нортроп Фрај). Дури и надвор од нејзината исклучително важна општествена улога, на детската книжевност може да се гледа и како на експериментална книжевност, иновативна, авангардна. Јас така и ја гледам.
Литературата за деца секогаш испраќа моќни пораки и понекогаш се чини дека на возрасните им е многу попотребна отколку на децата. Кога човекот заборава да биде дете?
– Се согласувам. Книжевноста за деца знае да биде екстатично добра, особено во споевите меѓу сликата и текстот. Некои од највеличествените книги во 20 век всушност се „книги за деца“ (иако и таа поделба е релативна и флуидна). Да, како што умните и љубопитните деца се обидуваат да читаат книги надвор од досадните лектири, така и умните и љубопитни возрасни читатели треба да читаат „книги за деца“. Отвораат хоризонти. И чакри.
Централен лик на фестивалот е Грозовилата. Дуалитетот на ликовите во детската литература ретко е застапен. Зошто е потребно децата да знаат дека светот не е шаховски обоен?
– Фестивалот ни се вика „Грозовилата во страшната шума“. Насловот делумно асоцира и на короната на целата наша планета претворена во „страшна шума“. Исто се вика и најдобрата книга на Јана Бауер. Но, штом ја покренавме кампањата за претстојниот фестивал, веднаш скокнаа пар „чувари на доброто“, грозејќи се од нашата Грозовила. Ама, пак, подобро е да се расправаш дури и со неуки и наивни луѓе за книжевноста отколку за ВМРО, СДСМ, ДУИ. Сега за сега расправата е забавна. А, инаку, јасно дека светот е бескрајно комплициран и во многу слоеви застрашувачки опасен и зол – за што зборуваат сите уметности и сите митологи, отсекогаш.
Според мене, најлошото во детската книжевност токму се кичот, нагласениот инфантилизам, патетиката, морализирањето, фразите, стереотипите, упростувањето… Се разбира, фасцинираат, често, едноставноста, чистотата и прецизноста на некои книжевни дела за деца, ама тие доблести неуките не ги разликуваат од баналноста, декоративноста и просташтвото.
Јана Бауер е звучно име од словенечката книжевност. Впрочем, звучни имиња имавте и на минатогодишните изданија. Како реагираат авторите кога ќе им соопштите дека се добитници на наградата?
– Јана беше пресреќна, ама веднаш потоа и несреќна зашто не може да дојде во Скопје. Ќе дојде, се разбира, кога полесно ќе се патува, без страв и специјални процедури. Сите досегашни добитници на наградата изразија чувство на почестеност и благодарност: Давид Албахари, Влада Урошевиќ, Оља Савичевиќ Иванчевиќ, Ненад Величковиќ и Јана Бауер.
Еден од најинтересните делови од програмата е натпреварувачкиот дел „Овде паѓаат крупни зборови“. Со овој дел од програмата, и покрај тоа што има забавен карактер, вие директно посочувате дека на книжевноста треба да ѝ се даваат строги оценки. Колку строги оценки ѝ се даваат на домашната литература?
– Прва победничка на натпреварот „Овде паѓаат крупни зборови“ беше сјајната Лиле Дирјан. Така што, и таа фестивалска содржина веќе има традиција и тежина создадена од досегашните учесници и победници.
Нашата македонска книжевност во некои сегменти исчекорува, чатпат фаќа чекор со регионот и светот. Но во многу сегменти (оти создавањето книжевност не е баш едноставна работа која зависи само од вдахновеноста на автор(к)ите) драматично заостануваме. И таа работа станува многу многу опасна во целата наша култура: немањето стратегии и политики на развој. Груевизмот направи погром во македонската култура, ама гарнитурите после Груевски тоа дури не сакаат ни да го видат, а камоли да го санираат или да отворат сосема други хоризонти за развој на овдешната културна сцена.
Кај нас се чини дека за малку пари може да се добијат големи задоволства, а тоа се должи на ентузијазмот и на работењето од љубов. Фестивалот „Друга приказна“ веќе петта година по ред како ја радува скопската публика. Како преживувате?
– Преживуваме „помоќу трикова и магије“, со неверојатно ниски буџети. Дури и во утепаната Србија (на сличен начин утепана како и Македонија) буџетите за фестивалите се од три до десет пати поголеми отколку нашите. Цивилизираните европски земји подобро и да не ги спомнуваме. Инаку, токму од тие европски и регионални фондови (Традуки, на пример) некако успеваме да скрпиме некакви буџети кои едвај ги покриваат најосновните трошоци (пат и сместување за странските гости). Последниве две години добивме скромни грантови и од нашето Министерство за култура.
Годинава, поради целиот хаос, немаме странски гости, но имаме многу интересна програма со најинтересните луѓе што се занимаваат со детската книжевност во нашата земја.