Во текот на викендот, нови гласини дека севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун е во кома се распространија на Интернет и во таблоидите, и покрај новите фотографии кои циркулираат по тримесечното отсуство на севернокорејскиот лидер во април, пренесува „Њузвик“.
Чанг Сонг-мин, поранешен помошник на починатиот претседател на Јужна Кореја, Ким Дае-јунг, минатата недела на социјалните мрежи напиша дека Ким е во кома, пренесува „Кореја Хералд“. Чанг тврди дека ги обезбедил информациите од неидентификуван извор во Кина.
– Јас сметам дека тој е во кома, но е сѐ уште жив – напиша Чанг. Неговите тврдења дојдоа додека на помладата сестра на Јонг-ун и доверлива помошничка, Ким Јо-јонг, наводно ѝ биле врачени нови одговорности, вклучително и надгледување на врските на Пјонгјанг со Јужна Кореја и САД.
Ким Јо-јонг претходно се сметаше за потенцијална наследничка на нејзиниот брат, а изминатите години брзо се искачи до врвот на севернокорејската хиерархија, на позиција на значајна моќ.
Гласините за смртта на Јонг-ун се чести и вообичаени. Во април, неговото отсуство предизвика шпекулации дека тој починал или паднал во кома по операциски зафат. Тој се појави во јавноста околу три недели подоцна, при што шпионската агенција на Јужна Кореја посочи дека тој бил засолнет со цел да ја избегне ковид-пандемијата.
По неговото отсуство, беа објавени повеќе негови фотографии и видеа, а јужнокорејското разузнавање соопшти дека нема никакви индикации дека Ким Јонг-ун бил болен или пак, бил подлежен на операциски зафат. Но, Чанг тврди дека сите неодамнешни фотографии биле фалсификувани и дека Ким Јо-јонг е принудена да ги преземе обврските на нејзиниот немоќен брат, макар тоа било само привремено.
– Не е формирана целосна структура за сукцесија, па на неа ѝ се наметнати неговите обврски бидејќи вакуумот не може да се одржи подолг временски период – рече Чанг.
Тврдењата на Ченг добија краток одзив од експертите за политичката состојба во Северна Кореја. Нема никакви докази дека Ким е во кома, а малкуте доверливи информации кои доаѓаат од внатрешноста им отежнува на јужнокорејските и американските разузнавачки агенции да изградат точна слика за политичките настани на Пјонгјанг.