Филмскиот магазин „Варајати“ објави извонредна рецензија за „Врба“, шестиот филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски. Во рецензијата во најпознатото филмско списание на светот насловена „Врба: Суптилен, длабок портрет на мајчинството по кое се копнее, помножен со три“, филмската критичарка Џесика Кианг вели дека „три приказни за македонско мајчинство одекнуваат низ вековите во моќната, евокативна и прекрасно одглумена драма на Милчо Манчевски“.
– Жените во „Врба“ не се стари баби, но нивните приказни имаат чувство на нешто народно – дури и оние две од трите што се случуваат во денешно време. Користејќи трипартитна структура, која го привлекуваше режисерот и во минатото, особено во неговото деби од 1994 г., „Пред дождот“, Манчевски извлекува три извонредни женски актерски остварувања од неговите главни актерки, од кои секоја ја тера својата сопствена приказна за маките, кривиците и огромните жртви на мајчинството.
Често трагична, често сурова, „Врба“, видена низ милосливата, озарена камера на директорот на фотографија Тамаш Добош, сепак задржува леснотија и енергија што на крајот успева да биде оптимистичка – не толку приказна за жалоста на врбата колку за нејзината способност да се извиткува со небаре бескрајна флексибилност без да се скрши – стои во рецензијата.
Се додава и дека симболи и мотиви се повторуваат во рефрените на музиката на Кирил Џајковски модулирана со народни мотиви.