Последиците од пандемијата на ковид-19 ги погодија сите граѓани во државата, но, сепак, коронавирусот најтешко ги погоди дуќанџиите во Старата битолска чаршија. По неколку месеци трпеливост, исчекување, надежи од појавата на пандемијата, деновиве кренаа раце и најголемите оптимисти во чаршијата и решија да им стават клуч на своите дуќани.
„Дуќанот се издава“ или „Дуќанот се продава“, се натписите што деновиве можат да се забележат на излозите или на спуштените ќепенци на дуќаните во Старата битолска чаршија.
Деновиве клуч на својот дуќан му стави и еден од најстарите занаетчии во чаршијата, кројачот Јанко, кој со тешко срце на почетокот на својата деветта деценија од животот го откажа дуќанот и одлучи да го затвори.
Во разговорот за „Нова Македонија“ голем дел од дуќанџиите се жалеа на состојбите во чаршијата по појавата на коронавирусот. Иако и пред пандемијата на дуќанџиите не им цутеа рози, сепак, некои од нив некако крпеа крај со крај. Но по појавата на пандемијата, граѓаните, исплашени од заразата, веќе неколку месеци се повлечени во своите домови и заминаа во „карантин“, буквално ја заборавија чаршијата и ретко наминуваат нешто да купат, со што и Старата битолска чаршија се најде во некој вид „карантин“.
– Повеќе не се издржува. Не знам што ќе правиме. Голем број дуќанџии одлучија да им стават клуч на своите дуќани. И јас секој ден размислувам што да правам и се двоумам дали да се одлучам на таков чекор. Постојани се кршам. Буквално го изгубив сонот. Не знам што да правам. Тоа што ме плаши е што не знам што ќе работам ако затворам. Дуќанот ми е сѐ што имам. Тој ми е наследства од дедо, прадедо. Ако го затворам, не знам кому би му го издал под кирија кога сите затвораат и веќе никој не бара дуќани под кирија. За пензија сѐ уште сум млад, а за отворање нов бизнис ми е доцна и искрен да бидам не сум способен.
Да не зборувам дека со моите 52 години не смеам да размислувам за вработување во јавниот сектор или во „Кромберг и Шуберт“ каде што се бараат најчесто работници – ни вели Ј.П., кој пред десетина години, по убедување на неговиот татко, одлучи да го продолжи семејниот бизнис.
Навистина е тажна приказната на Ј.П., но слична е на најголемиот број преостанати дуќанџии, кои иако се свесни дека државата не може на сите категории граѓани да им ги реши проблемите, сепак, се надеваат дека власта ќе помисли и на нив и ќе направи напори да им помогне со некои поволности, како што се даночни олеснувања, привремено замрзнување на кириите, исплата на минимални плати или давање поволни бескаматни кредити.
Засега локалната власт сѐ уште нема излезено со некое решение со кое ќе им помогне на дуќанџиите во Старата битолска чаршија да се справат со последиците од пандемијата.
Доколку нешто не се преземе во најскоро време, лесно може да се случи Старата битолска чаршија целосно да биде под клуч и да се најде во „карантин“, од кој прашање е кога ќе излезе.