И на четвртото Светско првенство (СП) по ред титулата ќе остане во Европа, односно репрезентациите од Јужна Америка ќе мора да причекаат најмалку уште четири години (до СП во Катар во 2022 година) за освојување на трофејот. Бразил беше последниот светски првак од Ј. Америка, во 2002-та. Бразилците, кои се најтрофејни, со пет титули светски првак, се единствените од тој континент што триумфирале на европска почва, на СП 1958 во Шведска. Јужна Америка сега најмалку 20 години ќе чека титула (по титулата на Бразил од 2002-та).
Две децении беше паузата и помеѓу две титули на селекции од тој континент, од 1930 до 1950 година, двете на Уругвај, а најдолгото чекање на Европа беше 16 години, од 1938 (Италија) до 1954 година (Германија).
Пред СП 2018, Бразил беше фаворит, како и секогаш, без оглед на составот и на моментната форма или, пак, името на селекторот. Но во четврт-финалето Бразилците беа елиминирани од Белгија, која би можела да прерасне во водечка европска, па и светска фудбалска велесила. Бразилците четврти пат по ред се елиминирани од европска селекција на СП, трипати во четврт-финалето и еднаш во полуфиналето.
Но елиминацијата на Бразил од СП беше елиминација и на цел континент од големата сцена. Бразилците со текот на годините научија да живеат и да се справуваат со големите очекувања и со притисокот, но често се заборава дека тоа не може да им биде извор на инспирација, односно може да им биде пречка во обидите да стигнат до посакуваната цел.
Така, во завршницата на СП останаа четири европски репрезентации. Вкупно, неуспешно СП за тој континент.
Обично СП традиционално се смета за битка помеѓу инспиративните и вешти јужноамерикански селекции против организираните и силни од Европа. Но натпреварите на СП од поодамна престанаа да бидат борба помеѓу два различни стила на игра, дури и клупскиот фудбал во Јужна Америка се смени драстично под бремето на финансиските проблеми и под налетот на богатите европски клубови. Некои дури тврдат дека на врвот повеќе не е СП туку европската Лига на шампионите (ЛШ).
Пред ерата на Интернет, Јужноамериканците одушевуваа со волшебници како што беше Пеле и други слични на него, кои остануваа да играат во Бразил и покрај славата и парите што им се нудеа во Европа. Оттогаш, во минатите неколку децении работите драматично се променија. Сега секој поквалитетен фудбалер својата кариера ја базира на играње во најсилните европски лиги. Не само Лионел Меси или Нејмар, и играчи како што се Диего Годин и Хуан Квадрадо се познати имиња во Европа.
Некои познавачи на состојбите велат дека селекциите од Јужна Америка, доколку сакаат повторно да доминираат, ќе треба да ја ревитализираат работата со младите категории во нивните клубови, но и да им се вратат на автономната тактика и начин на игра што сега е некаков европско-јужноамерикански сурогат.