Првото издание на „Флипбук филм-фестивал“ во овие три дена ќе прикаже 87 филма во три натпреварувачки програми и панорама на европскиот анимиран филм. Проекциите се во МКЦ од 20 часот (11-13 август). Во главната селекција на најдобар анимиран филм ќе се натпреваруваат 25 наслови, најдобрите европски остварувања од минатата година, меѓу кои победници на фестивалот на независен филм „Санденс“, Берлинале, Анеси, номинирани за „оскар“.
Во категоријата за најдобар студентски анимиран филм ќе се натпреваруваат вкупно 25 филма. Оваа категорија е особено интересна бидејќи авторите своите филмови ги прават за време на своето студирање на европските филмски академии и можат да си дозволат целосна авторска слобода и експериментирање со медиумот. Ќе бидат прикажани филмови од најдобрите европски школи: хрватската, белгиската, чешката, француската.
– Новина за македонската публика е натпреварувачката селекција на анимиран документарен филм, хибридна филмска форма што во последните десетина години зазема сѐ позначајно место во изразот кај многу документаристи и аниматори. Во главната, студентската селекција и во панорамата ќе бидат прикажани дури осум македонски анимирани филмови, повеќето премиери за македонската публика. Во фестивалските денови ќе имаме можност, меѓу другите, да ги гледаме новите филмови на Иван Андреевски, Вук Митевски, Саша Станишиќ и студентските филмови на Сандра Јовановска и на Кристијан Савиќ – најавија организаторите.
Покрај физичкото издание на фестивалот, со бесплатни филмски проекции и изложба на цртежи од анимирани филмови, на отворено во паркот на МКЦ поради ситуацијата со коронавирусот, „Флипбук филм-фестивал“ има и онлајн издание. Од 7 до 13 август македонската публика има можност бесплатно, на платформата „Синесквер.нет“, да ги гледа сите филмови, да гласа и да ја додели наградата за најдобар анимиран филм од онлајн публиката, а ќе бидат одржани и онлајн работилници за сценарио, продукција и постпродукција на анимиран филм.