Издржете! Им порача Марио Сепулведа (47) на момчињата заробени во пештерата во Тајланд, во пораката со која се обиде да ги охрабри, а која ја пренесе весникот „Стрејтс тајмс“.
Сепулведа, познат под прекарот „супер марио“, е еден од триесет и тројцата чилеански рудари кои поминаа 69 дена под земја во рудник во пустината Атакама, во 2010 година, пред да бидат спасени.
Облечен во жолт заштитен елек, носејќи портокалов рударски шлем, Чилеанецот им порача на Тајланѓаните оти неговите мисли се со нив, како и да издржат, односно да имаат сила, во видео-пораката од 40 секунди што ја испратил до агенцијата „Франс прес“.
Сепулведа додаде и оти се обидува да собере средства за да може да отпатува во Тајланд, со цел да помогне во акцијата за спасување што е во тек.
Чилеанецот моментно работи како мотивациски говорник. Тој беше еден од лидерите на заробените рудари, за кои е снимен филмот „33“ од 2015 година, во кој познатиот шпански актер Антонио Бандерас го глумеше ликот на Сепулведа.