Некаде прочитав дека Бил Гејтс и жената му финансираат некаква компанија за вакциниве што се вика „Модерна“. Сега Илон Маск, за да не остане во сенка, ќе мора да оформи компанија „Постмодерна“. Па, така, ваксерите може да се поделат на модернисти и постмодернисти. Антиваксерите тогаш ќе се преименуваат во декаденција. Лудница!
Модерната и постмодерната вакцина секако ќе мора да се тестираат. А бидејќи црните животи се важни, најпаметно е таа да се тестира во Африка. Ако нешто не излезе како што треба, ако не дај боже почнат да умираат луѓе по вакцинацијата, причината секако треба да се бара во белата доминација низ светот. Никако во нуспојавите. Така е политички коректно.
И затоа најдобро да се организираат насилни протести низ светот на кои прогресивното, ем бело граѓанство луѓенца ќе крикне во одбрана на црната популација што умира низ Африка поради фактот што расистичката пропаганда признава само бели и црвени крвни зрнца, ама не и црни. Оттука не е лошо Бил Гејтс да произведе уште една вакцина за превенција на црната популација од белата доминација. Таа вакцина конечно ќе продуцира и црни крвни зрнца во човечкиот организам и шведската академија може да му додели Нобелова награда за медицина на Барак Обама.
Зошто на Барак Обама?
Е гомно едно расистичко, одма ти пречи ако црнец добие награда!
Но да се вратам уште малку на протестите. На тие граѓански протести убаво би било да се сруши некој споменик на Марк Твен. Ако има такви споменици. Затоа што Марк Твен е расист. И антиваксер. Но и хомофоб што шири мизогинија. Не гледајте ме така бело (и црно секако, заради расна рамноправност), за сево ова има докази во неговите книги. Вакцинирани ли се Том Соер и Хаклбери Фин? Никаде не е споменато такво нешто. Значи антиваксери. Одиме понатаму. Том Соер постојано ја вознемирува тетка Поли.
Плус најџаначки ѝ ги краде пејотите и гарант халуцинира проруски лажни вести. Малата Беки ја има, ама очигледно не е главен лик како Том и Хак. Што е очигледна родова нееднаквост и омраза кон жените. За расизмот воопшто и не сакам да зборувам. Хаклбери Фин бега заедно со еден роб. Џим му е името. И како е претставен Џим? Како неписмен, наивен и малку простичок роб. Барем еден „Стенфорд“ да имаше завршено, ама не, расистот Твен на едно бело дете му дава повеќе знаење и лукавост од онолкав возрасен маж и тоа само затоа што е црнец, па мора да биде понижуван од страна на авторот. Кој секако е хомофоб, затоа што Том и Хак цело време дрдорат некакви стравотии за разбојници и луди авантури, ама ниту еднаш не се погледнуваат онака љубовно или да кажат, геј е океј. И затоа треба рушење на спомениците на Марк Твен и комплетна забрана на неговите дела.
Ако некој се побуни против оваа одлуката за забрана на делата на Марк Твен, логично е да се прогласи за фашист. А штом е фашист, тогаш му облекуваш црна кошула и го стрелаш на плоштад. Не фигуративно, туку вистински, со пушки, со куршуми, со одред за стрелање, со сè. Оти многу ретроградни антицивилизациски елементи си мислат дека фашист е член или поддржувач на партијата на Бенито Мусолини во триесеттите и четириесеттите години од минатиот век. Секако дека тоа не е фашизам. Фашист е всушност една крајно комплексна антицивилизациска карактеристика на одредени индивидуалци и групи. Не сум сигурен дали ќе ми биде доволна колумнава да ги набројам сите карактеристики на една таква неподнослива за соживот појава. Но ајде да се обидам.
Фашистот секогаш е десничар, освен кога десничарот не е радикален левичар. Радикалниот левичар секогаш има десничарски националистички погледи, иако многу често има фашисти што одбиваат да одат лево или десно, па упорно цепаат само право што е класичен фашистички говор на омраза спрема десната и левата хемисфера во умот на секој прогресивен граѓанин.
Понатаму, фашизам е кога си непознат лик, а имаш претензии кон туѓи територии за кои мислиш дека тебе географски ти припаѓаат или ако се буниш против познати фаци што имаат претензии кон туѓи територии за кои мислат дека ним географски им припаѓаат. Ако ова ви звучи нелогично, загрижете се и поразговарајте со вашиот матичен прогресивен политички коректен активист, но ако ви се чини апсурдно, готово е со вас, вие сте веќе фашист и потребен ви е надзор од родител 1 или старател 2. Од друга страна, фашизмот како еден вид комплексен застрашувачки вирус знае да напаѓа подмолно и без ваше знаење. На пример, се вљубуваш во невладина активистка, нејзината хистерија за тебе е поезија, подготвен си денес да се чувствуваш како пеперутка, ако таа идентитетски се разбудила како перуника и одеднаш, по успешно опрашување, за време на веганскиот ручек, тебе ти текнува дека вечер сакаш заедно да го гледате филмот „Циганите летаат на небото“, затоа што тоа беше омилен филм на мајка ти, а денес е денот кога таа почина. Ужас! Немаш поим дека фашизмот подмолно те заразил и тоа вчера, во лифт, кога се сретна со соседот фашист, инаку православен верник, а христијанството само по себе е фашизам.
Симптомите се очигледни. Сакаш да гледаш филм каде што Ромите се нарекуваат Цигани! Фашист. Тоа е руски филм, а Русите се фашисти и кога се антифашисти. Твојот родител 1 упорно го нарекуваш мајка. Убер фашизам! Па, уште се сеќаваш на денот кога починала што те прави традиционалист, уште едно име за фашизмот. И перуниката, нормално, не ти дава веќе да ја опрашуваш, па сега ќе си најде нова девојка, оти сега се чувствува како транџа што преферира жени, а ти ќе си останеш со прашникот во уста.
Фашизмот напаѓа и апстрактно, понекогаш симболично, честопати меѓу редови. Знае да има свој скриен контекст или неочекуван дискурс. Понекогаш флуктуира околу вас, а понекогаш трансцедентно ви пенетрира во уво, нос и грло. Еве три примери за крај! Фашист е човек што се умислува дека припаѓа на домородно население, оти намерно го користи зборот домоРОДНО со што очигледно инсистира да се забрани абортусот, наместо најцивилизациски да се воведе коректниот термин домоабортирано население.
Понатаму, фашист си ако кажуваш виц за џандар и плавуша, ама тенденциозно одбиваш да напоменеш дека џандарот е геј, а плавушата црнец. И последно, фашист е човек што пишува колумна опрчен покрај езеро, под влијание на политички некоректни гуштери, желки и бумбари чии предци живееле покрај Мисисипи каде што оној расист Хаклбери Фин се потсмева со еден возрасен црнец на кој белата доминација не му дозволи да заврши „Стенфорд“ и сето тоа во време кога Бил Гејтс се мачи да воведе постмодернизам во дискурсот на вакцинирањето против политичка некоректност.