Атина – Портпаролот на грчката влада, Стелиос Пекас, рече дека на граѓаните што имаат грчко државјанство, како и на оние што имаат дозвола за престој во Грција, ќе им биде дозволено да влезат и да ја напуштат земјата само на шест копнени премини од 22 јули до 4 август. Поради зголемениот број транзити на копнените граници, но и поради зголемениот број позитивни случаи на заразени со коронавирус, кои се утврдуваат на граничните премини, грчката влада ги заострува мерките на копнените граници од 22 јули до 4 август. (МИА)

Приштина – Советникот на косовскиот премиер Авдулах Хоти, Аљуш Гаши, побара од Грција да ја признае независноста на Косово, со што, како што вели, ќе придонесе за јакнење на соработката меѓу двете држави но и со соседните земји во регионот. Гаши во колумна објавена во грчките медиуми наведува дека „откако го реши прашањето со Македонија, Грција треба да ги поправи своите односи и со Косово“. („Газета експрес“)

Белград – По средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, потпретседателот на Српската напредна партија (СНС), Милош Вучевиќ, изјави дека листата „Александар Вучиќ – за нашите деца“ побара мандат за состав на новата влада.
– Очекуваме Собранието да биде конституирано до 3 август – изјави Вучевиќ, додавајќи дека нивните предвидувања се оти владата ќе биде формирана до септември и дека тоа ќе биде влада на континуитет во однос на политиката и економијата. (РТС)


Бисер балкански

Орална (не)хигиена

– Иако имам диплома за високо образование, државата не отвори работни места за нас. Ние сме повеќе од 100 лица со диплома, а една третина од нас нема никаква работа. Стоматолошкиот факултет , по неколку завршени генерации за орални хигиеничари, ја укина оваа насока. Студентите се сомневаат на стоматолошкото лоби , плашејќи се дека хигиеничарите ќе им ја земат работата. Нашата професија е драгоцена за превентивата, особено за нација што има 92 отсто кариес, девет отсто немаат заби, 90 отсто од децата носат протези, како и масовна навика на луѓето да не мијат заби. Особена е важна превентивата кај децата што не можат сами да спроведуваат орална хигиена – изјави Андријана Прванов, која завршила тригодишни студии за орална хигиена, а која не може да најде работа, затоа што нејзината професија не постои во конкурсите што ги објавуваат јавните здравствените организации во Србија, додека приватните работодавци не се заинтересирани за ова занимање.