Дојче пост(Германска пошта) денеска ги отфрли критиките кои уследија откако беше објавено дека статистиките за своите муштерии ги продавала на политички партии кои овие податоци ги користеле за време на предизборната кампања за минатогодишните парламентарни избори во Германија.
– Дојче Пост Директ ги чува и преработува податоците за клиентите придржувајќи се строго до законот за заштита на личните податоци – соопшти компанијата која делува во рамки на Дојче Пост.
Компанијата појасни дека на трети лица не им ги продава податоците, туку статистичките вредности што се однесуваат на таканаречената „микро единица“, која сочинува шест домаќинства.
– При тоа, не станува збор за лични податоци, туку за статистички податоци кои се темелат врз принципот на случаен избор – соопшти Дојче Пост Директ.
Како што пишува дневниот весник Билд ам Сонтаг, Дојче Пост Директ за потребите на предизборната кампања за парламентарните избори во 2017 година, на партиите Христијанско-демократска унија(ЦДУ) и Либерално-демократската партија(ФДП) им продала податоци за одделни градски квартови преку кои може да се насети евентуална наклонетост кон некоја политичка опција.
Податоците содржат информации за куповната моќ, полот, степенот на образование, староста, брачниот и имотниот статус, вклучително и информации за вредноста на автомобилот. Податоците се однесуваат на околу 20 милиони станбени објекти со околу 34 милиони домаќинства. Врз основа на тие податоци, ЦДУ и ФДП решиле во кои квартови се исплатува да спроведуваат директни и интензивни кампањи. Партиите наводно овие податоци ги платиле по 50.000 евра.
Двете партии соопштија дека пакетите со статистички податоци одговараат согласно законот за заштита на личните податоци.