Русија постави патроли кои ќе спречуваат лов на мрмоти на границата со Кина и Монголија откако двете земји пријавија случаи на ширење на бубонска чума, пренесува „Ројтерс“.
Властите на Бајан Нур во Монголија во неделата издадоа предупредување, откако една болница пријави сомнителен случај на смртоносна болест. Властите забранија лов и јадење на мрмоти и ја замолија јавноста да ги пријави сите сомнителни случаи, како и сите болни или угинати мрмоти.
Минатиот мај, двојка од Монголија почина од чума бидејќи јадела суров бубрег од мрмот, за кој се верува дека има лековити својста. Уште две лица се здобиле со пневмонична чума неколку месеци подоцна.
Монголија пријави два случаи на бубонска чума поврзани со луѓе кои јаделе месо од мрмоти во нејзината западна провинција Ковд минатата недела. Во Алтајската област на Русија, која граничи со Монголија, Кина и со Казахстан, се поставени патроли кои предупредуваат за опасноста од чумата и нејзините преносители.
Бубонската чума, во средниот век позната како „црна смрт“, е многу заразна и фатална болест која се шири претежно преку глодарите. Епидемиите на бубонска чума во модерните времиња се ретка појава.
– Иако чумата предизвикува сериозна болест, ако се препознае навреме, може лесно да се лекува со антибиотици и пациентите целосно закрепнуваат. Според извештаите на Монголија, не постои ризик за јавното здравје – вели Џими Витворт, професор по јавно здравје на лондонската школа за хигиена и тропска медицина.
Иако опасна, бубонската чума нема да предизвика светска пандемија како што е случајот со ковид-19. Сепак, годишно од чума заболуваат меѓу 1.000 и 2.000 луѓе ширум светот.
Црната чума, предизвикана од бактериите и пренеувана преку каснувања од болви и заразени животни, уби околу 50 милиони луѓе во Европа за време на пандемијата во средниот век. Современите антибиотици спречуваат компликации и смрт доколку се реагира и третира навреме.
Бубонската чума, која е една од трите форми на чума, предизвикува болни, отечени лимфни јазли, како и треска и кашлање. Се верува дека ловот на мрмоти ја предизвика епидемијата од чума во 1911 година, во која починаа околу 63.000 луѓе во североисточна Кина. Мрмотите беа ловени за нивното крзно, кое се стекна со голема популарност кај меѓународните трговци.