Европскиот фонд „Еуримаж“ ја поддржа првата грчко-македонска филмска копродукција „Зад стоговите сено“, во режија на младата грчка режисерка Асимина Проедроу. Станува збор за копродукција меѓу Грција и Германија, каде што како копродуцент заедно со носителот од грчката страна е и македонската продуцентска куќа „Сектор филм“ од Скопје. Ова е прв филмски проект меѓу продуцентите од Грција и од Македонија во соработка со Германија, кој доби финансиска поддршка од „Еуримаж“.
Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, национална претставничка на Македонија во фондот, учествуваше на последната сесија на која се евалуираа 56 копродукциски филмски проекти, од кои само 26 добија финансиска поддршка од фондот.
– Од финансиски аспект, копродукцијата не е потврдена од македонската страна бидејќи Агенцијата за филм сѐ уште не ги објавила резултатите од јануарскиот конкурс за 2020 година. И покрај тоа, овој проект беше поддржан од претставниците на сите држави-членки на „Еуримаж“ – изјави Ќурчинска-Пепељугоска.
На претходната, мартовска сесија, „Еуримаж“ додели грант за македонскиот проект „Преекспонирано“ во режија на Елеонора Венинова, копродукција меѓу Македонија и Србија.
Се очекува македонските продуценти и филмски работници да станат поприсутни во европските копродукции, откако на 1.10.2020 година ќе стапи во сила ревидираната Европска конвенција за кинематографска копродукција поради многубројните олеснувања што ги пропишува таа. Со оваа конвенција, македонските филмски работници ќе може да учествуваат со најмалку 5 проценти во меѓународните мултилатерални филмски копродукции и со 10 отсто во билатералните копродукции, наместо како што беше досегашна практика да учествуваат со најмалку 10, односно 20 проценти.