По повеќе од два месеца од изрекувањето на првостепената пресуда, судијката на Кривичниот суд во Скопје, Добрила Кацарска, ја достави пресудата до осудените во случајот „Транспортер“.
Пресудата на Кацарска е мошне обемна и е напишана дури на 1.100 страници, во кои детално се опишани дејствијата на обвинетите, кои ја злоупотребиле својата службена должност.
По добивањето на пресудата, за сите обвинети и осудени лица почнуваат да течат 15 дена, колку што имаат на располагање да ги достават своите жалби до Апелациониот суд во Скопје. Истите рокови течат и за обвинителите кои по изрекувањето на пресудите најавија жалба до Апелациониот суд во Скопје.
Инаку, покрај поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, кој е осуден на казна затвор од осум години и поранешниот секретар на општината, Слободан Бончановски, кој е осуден на казна затвор од шест и пол години, Кривичниот суд во Скопје за виновни ги прогласи и сите останати 19 обвинети, со тоа што на директирите на училиштата им изрече условни казни затвор, какви што добија и двајца управители на автопревозни фирми, додека директорите на превозните претпријатија добија затворски казни од две до три и пол години, со тоа што тие се задолжени да ги вратат парите кои против правно ги добиле.
Сите обвинети со првостепената пресуда се осудени затоа што тие, наводно, со начинот на кој го организирале „бесплатниот превоз“ го оштетиле буџетот на Општината Битола за 560 илјади евра, или 34 милиони денари, кои мораат да ги вратат во буџетот.
По изрекувањето на пресудите на барање на обвинителството Судот им одреди куќен притвор на поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески и на поранешниот секретар на општината Слободан Бончановски, до правосилноста на пресудата. М.М.