Почетокот на 2020 година работата на Националната галерија, како и кај сите светски музеи и галерии, се базираше на интерактивни содржини на електронските медиуми и социјалните мрежи. Затекнати во услови на светска криза на културна понуда, Националната галерија направи презентации на ремек-делата од нивната Колекција со различен тематски пристап.
Оттука велат дека неминовно е да пристапат кон реализација на програмските содржини предвидени за 2020 година, со тоа што програмата мора да претрпи измени заради спецификата на дејноста на галеријата, а воедно водејки сметка за јавното здравје и задолжителната социјална дистанца.
Програмскиот циклус, Националната галерија го почна на 22 јуни со проектот под наслов „Пејзажни фасцинации 20“ на Атанас Атанасоски, инсталација во просторот на Чифте амам која ќе се „гради“ во текот на јуни и јули. Заради неможност на физичко присуство целиот процес на поставување ќе биде прикажан на социјалните мрежи на Националната галерија.
Останатите програмски содржини за 2020 година се планираат со следната динамика:
Ретроспективна изложба на Решат Амети предвидена за септември/октомври во Даут пашиниот амам (куратор Горанчо Ѓорѓиевски).
Нареден проект на виш кустос Ана Франговска планиран за ноември во објектот Чифте амам е изложбата на Моника Мотеска Под наслов „Везење во камен“.
Воедно, Националната галерија става акцент на новите концепти за два проекти. Станува збор за конкурси кои ќе бидат отворени до 20 јули 2020 година.
Првиот конкурс е наменет за двајца млади уметници . На овој конкурс ќе може да се пријават уметници до (и) 35 годишна возраст (до денот на пријавувањето на конкурсот да немаат повеќе од 35 години), со постојано место на живеење на територијата на Република Северна Македонија (од најмалку три години). Повикот е отворен за сите млади уметници кои имаат идеја да реализираат проект во еден од објектите на Националната галерија – мултимедијалниот центар Мала станица, во периодот октомври-ноември 2020 година. Темата не е ограничена, ниту однапред детерминирана.
Вториот конкурс е за зрел уметник. На овој конкурс ќе може да се пријават сите уметници над 35 годишна возраст со постојано место на живеење на територијата на Република Северна Македонија (од најмалку три години). Проектот ќе треба да го реализираат во мултимедијалниот објект Мала станица во ноември – декември 2020 година.
Последниот проект планиран за крајот на 2020 година е јубилејната изложба по повод 90 години од раѓањето на Иван Велков.