Министерот за надворешни работи Никола Димитров на покана на Советот за регионална соработка (RCC), учествуваше на онлајн дебата на тема „Балкан барометар 2020: Формата на нештата што следат“, во рамки на панелот „Дали бизнисите и граѓаните од Западен Балкан се задоволни од целокупната ситуација во регионот и како влијаеше на нив појавата на коронавирусот“.
За време на панелот Димитров истакна дека кога во март светот се соочил со пандемијата, за нашата земја се случиле историски работи.
– ЕУ потврди дека Северна Македонија со своите реформски перформанси во последните три години заслужи зелено светло, а НАТО и формално не’ прими како 30 полноправна земја членка. Ниту ние, ниту регионот немаме луксуз да не продолжиме да ги спроведуваме историските достигнувања од март за да им овозможиме на нашите граѓани конечно дома да ги практикуваат европските стандарди – посочи министерот.
На настанот, покрај Димитров учествуваа и Оливер Вархеји, Комесарот за соседска политика и проширување, Гент Цакај, вршител на должноста министер за надворешни работи на Албанија, Волфганг Ишингер, поранешен амбасадор и дипломат на Германија и Геновева Руиз Калавера, директор во одделот за Западен Балкан во рамките на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на ЕУ.
Во улога на модератор беше Мелинда Брегу, Генералниот секретар на Советот за регионална соработка.