Иако трета недела бројките на новозаболени се во пораст, а болниците исполнети како никогаш досега, министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека не размислуваат за повторно воведување рестриктивни мерки.
Ваквиот став министерот го правда со тоа што дел од заболените од вториот бран биле заразени за време на строги рестриктивни мерки кои не биле почитувани.
– Ние го дискутиравме ова прашање, дали рестрикција е нешто што може да придонесе за паѓање на бројката за новозаболени, но и овој бран тргна од моментот кога имаше мерки и секое олабавување ќе значи нов бран. Олабавувањето беше со меки мерки, носење маски и одржување дистанца. Засега не доаѓа предвид воведување рестрикции, но не можам да ја исклучам можноста – рече министерот Филипче.
Тој смета дека со сегашниот пристап кон заболените и изолација на контактите точно се знаат кластерите и контактите со кластерите и ќе продолжат со ваков начин на работа.
Филипче нагласи дека жаришта во моментов се Скопје и Тетово, а состојбата во другите региони е стабилна.