По осамостојувањето на РМ се направени многу предавства, но врв на тие предавства е приватниот договор склучен меѓу Заев и Ципрас. Во тој договор се прифатени само барањата на Грција. Со него се сака егејскиот дел на Македонија, која во 1913 год. насилно го приграби, да се легализира, но сега со наша согласност, потоа македонското малцинство таму да се избрише и да го одвои од ткивото на македонскиот народ. Македонците во РМ ги направи граѓани, со што им се одзеде државноста стекната со крв од 1944 год., кога во НОБ загинаа 25.000 Македонци.
Со тоа им се дава можност на другите националности во РМ да станат државотворни народи, со што РМ би се претворила во држава на граѓани. Потоа се брише уставното име на РМ, кое е историско име. Со договорот со Бугарија, Грција и судењето на Македонците од Албанија, оваа влада се откажа од македонските малцинства во тие земји, но истовремено се откажа и од Македонците во дијаспората. Со договорот се бришат историјата и борбата за слобода на Македонците што се водеше во тие делови од Македонија, се менуваат имињата на селата и градовите таму, ако досега ги изучувавме како Лерин, Воден, Солун, сега ќе бидат Флорина, Едеса, Тесалоники и сл., нема веќе да има географски карти на етничка Македонија.
Се откажуваат од античка Македонија, од Александар и Филип Македонски, со договорот со Бугарија се откажаа од словенскиот карактер на Македонците, па се поставува прашање што сме ние и дали имаме корени. Врв на барањето од Грција е прифаќање промена на членовите од Уставот каде што се споменува РМ и воведување Северна Македонија. Промената на името на РМ ќе се врши во Уставот, ќе се менуваат имињата на сите државни органи и институции, личните документи на граѓаните. Си зедоа за право да ги преименуваат во северномакедонци и нашите покојни, но и идните неродени Македонци. Алегорично е тоа шо се забранува користење во РМ на 16-кракото знаме, на спомениците Александар, Филип Македонски и други изградени во центрите од градовите во РМ, со наши пари, се обврзале со договорот да се постават табли дека тие се антички хеленистички грчки јунаци, што значи ние во РМ ќе ги величиме грчката митологија и култура.
Според мене, веднаш треба да се почне со следното: соработка на сите политички партии, патриотски и други здруженија на граѓани, дијаспората, интелектуалците од универзитетите, а пред сѐ Македонците и граѓаните во РМ да подготват заедничка стратегија и платформа за настапување и рушење на тој договор. Масовни собирања и демонстрации од сите граѓани во РМ, но и во дијаспората. Со демонстрациите да се блокира работењето на парламентот и Владата со пасивен отпор на граѓаните, со што ќе се предизвикаат политичка криза и нови парламентарни избори. На чело на тие демонстрации да застане Кристијан Мицковски, во својство на претседател на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
Од правен аспект да се ангажираат еминентни правници, кои на врвот на СДСМ ќе му пишуваат кривични пријави за кривични дела велепредавство, предизвикување национална верска и друга омраза, загрозување на независноста, повреда на угледот на РМ и излагање на подбив на македонскиот народ и припадниците на заедниците, како и за други кривични дела. Со договорот – содржината и штетата од него за РМ и Македонците – да се запознаваат сите во РМ, но и надвор. Со тоа ќе се мобилизираат сите македонски граѓани и ќе се спортивстават на неговото заживување, а истовремено да се запознаваат и другите држави за штетата од тој договор, особено 140-те земји што нѐ признаа под уставното име.
Петко Бурлијевски, Битола