РАКОМЕТ – ЗЛАТКО ХОРВАТ, НОВО ЗАСИЛУВАЊЕ НА МЕТАЛУРГ

Доаѓам со една единствена цел – заедно со новите соиграчи да ги оствариме поставените цели и да го вратиме Металург таму каде што му е местото, во ракометната елита на Европа. Драго ми е што доаѓам во Скопје, во ракометна средина што е препознатлива во Европа. Сигурен сум дека сезонава во Македонија ќе се игра одличен ракомет, а особено во Автокоманда, која има некоја посебна ракометна убавина. Верувам дека навивачите ќе уживаат во нашите добри партии, рече Хорват, репрезентативно крило на Хрватска

Актуелниот освојувач на Купот на Македонија, Металург, полека но сигурно го составува тимот со кој ќе се обиде да се врати на блескавите ракометни патеки во Европа. Десното крило на хрватската ракометна репрезентација и на хрватскиот првак Загреб, Златко Хорват е новото име во тимот на тренерот Зоран Кастратовиќ. Претходно свој потпис со тимот од Автокоманда ставија српските бекови Момир Рниќ на левата и Никола Потиќ на десната страна, а со црногорскиот пикер Бранко Канкараш, Металург ја засили линијата од шест метри.

– Не беше лесно да се напушти Загреб по толку години. Таму доживеав многу убави моменти и тој клуб засекогаш ќе биде во моето срце. Меѓутоа, почувствував дека е момент за промена и драго ми е што доаѓам во Скопје, во ракометна средина што е препознатлива во Европа – вели довчерашниот капитен на РК Загреб, Хорват, кој додава дека повикот на Металург дошол во вистинско време.

Со играта во дресот на хрватската репрезентација и на екипата на Загреб, Хорват е препознатлив како борбен, амбициозен и пожртвуван ракометар, кој секој натпревар го игра како да е финален меч на светско или на европско првенство.
– Доаѓам со една единствена цел – заедно со новите соиграчи да ги оствариме поставените цели и да го вратиме Металург таму каде што му е местото, во ракометната елита на Европа. Секогаш тежнеам кон највисок пласман, така ќе биде и овој пат. Ме радува тоа што Металург повторно составува квалитетен и силен тим како некогаш, а ме радува и работата со одличниот тренер на Металург, Зоран Кастратовиќ. Сигурен сум дека сезонава во Македонија ќе се игра одличен ракомет, а особено во Автокоманда, која има некоја посебна ракометна убавина. Верувам дека навивачите ќе уживаат во нашите добри партии – рече Хорват.

Задоволен од доаѓањето на Хорват во Металург е и тренерот Кастратовиќ, кој со него добива квалитетен поливалентен ракометар, кој може да одговори на сите негови идеи, замисли и поставени цели.
– Презадоволен сум што искусен и квалитетен играч каков што е Хорват ќе биде дел од нашиот тим во наредната сезона. Нема потреба да се зборува за неговите квалитети, бидејќи за тоа зборуваат фактите, игрите и резултатите што ги има остварено со Загреб и со хрватската репрезентација. Знаеме дека покрај што е одлично десно крило, Хорват знае одлично да одигра и на десната бековска позиција. Од своите колеги во Хрватска за него слушнав само суперлативи за неговата посветеност, работа и за карактер и како играч и како човек, што го прави двојно повреден за нашиот тим, бидејќи добиваме одличен борец, мотиватор и пример за врвен спортист – рече Кастратовиќ.


Има 17 титули и куп-трофеи и седум медали од ЛОИ, СП и од ЕП

Во целата своја досегашна ракометна кариера Златко Хорват беше дел од хрватскиот шампион Загреб, со кој ги освои сите шампионски пехари во Хрватска од сезоната 2002/2003 со денес (вкупно 17) и сите трофеи во Купот на Хрватска од 2003 година (17). Тој освои една титула со Загреб во Регионалната лига, во 2013 година, а во 18-те сезони досега во Лигата на шампионите Хорват постигна 752 гола.
Како репрезентативец, за Хрватска има 180 настапи, во кои постигнал 563 гола, а со селекцијата освои бронзен медал од Летните олимписки игри во Лондон во 2012 година, потоа сребро и бронза од светските првенства, како и по две сребра (2008, 2020 година) и бронзи (2012, 2016 година) од европските шампионати.

[email protected]