ФУДБАЛ – ШЕЕСЕТ ГОДИНИ ЕВРОПСКИ ПРВЕНСТВА (15)
Португалците со голот на Едер во 109. минута го совладаа домаќинот на ЕП 2016, Франција, со 1-0, иако во поголемиот дел од мечот играа без најдобриот фудбалер Кристијано Роналдо, кој на тоа првенство го собори рекордот на Фиго за одиграни натпревари за Португалија и на Швајнштајгер за најмногу мечеви воопшто на ЕП, а и голгетерски се израмни со Платини
Португалија ја совлада Франција во финалето на фудбалското Европско првенство (ЕП) во 2016 година на стадионот „Франција“ во Сен Дени, во Париз, со голот на Едер во 109. минута. Тој меч беше првото финале на европските првенства што заврши без постигнат гол по 90 минути игра. „Триколорите“, шампионите од 1984-та и од 2000-та, не успеаја да ја искористат предноста на домашниот терен, иако Португалците во поголемиот дел од мечот играа без најдобриот фудбалер Кристијано Роналдо, кој се повреди во 25. минута.
– Пред продолженијата, Роналдо ми рече дека ќе го постигнам победничкиот гол. Тој ми даде сила и позитивна енергија – изјави Едер.
Капитен на Португалците, на четвртото ЕП во кариерата, беше Роналдо, кој на турнирот го собори рекордот на Луис Фиго според бројот на одиграни натпревари за Португалија (128). Тој го одигра 21-от меч на ЕП, со што го урна рекордот на Германецот Бастијан Швајнштајгер, кој има 18 такви натпревари. Освен тоа, Роналдо се израмни и со Мишел Платини според бројот на постигнати голови на ЕП (девет).
– Ова е нешто што го посакував долго време, уште од 2004 година, кога загубивме во финалето од Грција дома – изјави Роналдо.
Во книгата на рекорди на ЕП се запиша уште еден португалски репрезентативец. Тоа беше Ренато Санчез, кој на возраст од 18 години и 328 дена го собори рекордот токму на Роналдо (од 2004 година) и стана најмладиот играч што настапил во финале на ЕП. Селектор на Португалците беше Фернандо Сантош, искусен тренер, кој во кариерата беше на чело на трите најголеми клуба во земјата (Бенфика, Порто и Спортинг) и кој на функцијата дојде во 2014 година, откако претходно четири години ја предводеше Грција.
Европското фудбалско првенство, одложено за идната година, е јубилејно, откако годинава, кога требаше да се игра шампионатот, се навршуваат 60 години од првото, одржано во 1960 година. „Нова Македонија“ периодично објавува приказни за минатите првенства на Стариот Континент, за неговата еволуција, за поединците и за репрезентациите што го обележија ова натпреварување
– Секогаш им кажував на играчите дека сме многу талентирани, но и оти треба да се бориме повеќе од нашите противници, да трчаме повеќе од нив и да бидеме пофокусирани од нив – ја сумира победничка филозофија Сантош.
Полјакот Роберт Левандовски постигна 13 гола во квалификациите, со што го израмни рекордот на Дејвид Хили од Северна Ирска од квалификациите за ЕП 2008. Исланд стана првата репрезентација од земја со помалку од еден милион жители (329.000) што настапила на ЕП. Статистичарите пресметале и дека само на 15 од 51 натпревар на ЕП 2016 победила селекцијата што имала поголем посед на топката.
Четвртфиналистот Исланд имал 36-отстотен посед на топката. Франција третпат беше организатор на завршниот турнир на ЕП, по 1960 и 1984 година. ЕП 2016 беше прво на кое настапија 24 репрезентации, поделени во шест групи. Во нокаут-фазата се пласираа двете најдобри од секоја група, плус четири од третопласираните со најдобар скор. Французинот Антоан Гризман, најдобриот стрелец на шампионатот со шест гола, го доби и признанието за најдобар играч на турнирот.