Уникатниот, необичен стадион на Бока јуниорс во Буенос Аирес, кој пред неколку дена „наполни“ 80 години (отворен е на 25 мај 1940 година), важи за икона во областа на спортската архитектура

Во пристанишната населба Ла Бока во Буенос Аирес веќе 80 години едно од најглавните обележја е стадионот на фудбалскиот клуб Бока јуниорс. За жителите на Ла Бока, тој е како џин меѓу многубројните лавиринти од дрвени и лимени куќи. Официјално стадионот го носи името на поранешниот претседател на Бока, Алберто Ј. Армандо, но попознат е под друго поживописно име „Ла бонбонера“, еден од најпрестижните фудбалски домови во светот. „Ла бонбонера“ веќе наполни 80 години (отворен е на 25 мај 1940), но сепак ги задржа уникатниот дизајн и акустиката, поради што овој објект се смета за икона во областа на спортската архитектура.
За создавањето ваков импозантен стадион е заслужен словенечкиот архитект Виктор Сулчиќ, кој студирал архитектура во Фиренца и во Болоња, Италија, од каде што заминал во Буенос Аирес, во 1924 година. Пред да го проектира фамозниот стадион, тој веќе имал солидна репутација во новата земја, дизајнирајќи неколку важни општински згради, вклучувајќи го и централниот пазар за овошје и зеленчук во главниот град на Аргентина. Тој бил еден вид ренесансен човек, бил и сликар, а во подоцнежните години писател и поет.

Но трансформацијата на стариот стадион на Бока во модерен спортски објект бил сосема поинаков предизвик, не само поради преполните улици во соседството туку и поради просторот нешто поголем од еден градски блок каде што требало да се вклопи стадионот. Тој основен проблем Сулчиќ го решил така што едноставно решил да гради речиси под прав агол, користејќи армиран бетон, новина во тоа време. Од едната страна на стадионот, жителите на сегашната улица Дел Вале Иберлусеа одбиле да ги продадат своите имоти за да ја олеснат изградбата, што ја уништило симетријата на „Ла бонбонера“, но ѝ дало и многу шарм.

Делото на Сулчиќ било отворено на 25 мај 1940 година, две години по свеченото поставување на камен-темелникот од претседателот на Аргентина, Агустин Педро Хусто. Следната, 1941 година било завршено второто ниво на стадионот, а последното, трето ниво во 1953 година. Тоа на „Ла бонбонера“, или „кутија со чоколадо“ што можела да прими 100.000 луѓе, ѝ дава уникатен, несекојдневен изглед. Легендата за славниот прекар вели дека Сулчиќ за роденден добил бонбониера што личела на дизајнот на стадионот, по што почнал така и да го нарекува. Набргу, уште пред да биде завршен објектот, тоа име било прифатено од клупскиот менаџмент, но и од навивачите.

„Не се тресе, срцето ѝ чука“, велат навивачите на Бока за „Ла бонбонера“. Во секој случај, за секого што првпат ќе се најде на трибините под бетонската конструкција, тоа е необично, возбудливо, по малку и вознемирувачко искуство.
И кога нема натпревари, „Ла бонбонера“ изгледа импозантно, но и елегантно, задржувајќи ја својата мистика како малку стадиони во светот, што привлекува стотици илјади туристи секоја година. Италијанскиот писател Алесандро Барико можеби најдобро ја сумирал фасцинацијата со стадионот кога напишал: „Кога е празна, ’Ла бонбонера’ може да се спореди со чувството кога ги гледате луѓето што ги сакате додека спијат“.

Но за да се почувствуваат вистинскиот шарм и привлечноста на „Ла бонбонера“, таму треба да се отиде кога игра Бока, да се биде сведок на морето од сино-жолта боја на трибините, звуците на тапаните зад голот и големата бучава што одекнува од четирите агли.


Билети нема ни за лек!

Моментно капацитетот на „Ла бонбонера“ е околу 50.000 места, што е недоволно за клуб што се фали дека има повеќе милиони навивачи во Аргентина и светот. Претплатните билети за клупските членови, единствената гаранција за редовно присуство на натпреварите, ги нема со години. Зад среќниците со билети има повеќе од 100.000 „придружни членови“, кои плаќаат одредена месечна такса само за можноста да добијат билет доколку некој од тие што ги поседуваат поради одредена причина не можат да го користат за некој меч.

Колку навивачите го сакаат стадионот говори и тоа дека предлогот на поранешниот претседател Даниел Ангеличи за изградба на нова „Ла бонбонера“, подалеку од сегашната локација, наишол на жесток отпор.

Новиот претседател Хорхе Амор Амеал, кој победи на изборите во декември 2019-та, го поддржува проектот „Бонбонера 360“, со кој би се комплетирал прекинатиот круг на стадионот, кој би бил со капацитет до 75.000 места. Но првите преговори со жителите што треба да ги продадат имотите не успеале.