ПАНДЕМИЈАТА СО КОВИД-19 ИСФРЛИ НА ПОВРШИНА
УШТЕ ЕДЕН СТАРО-НОВ ПРОБЛЕМ
Зачестените карантински мерки, изолацијата и забраните за движење ги принудија граѓаните да ги напуштаат урбаните средини и масовно да се враќаат во приградските населби и села, кои, пак, во добар дел не се приклучени на канализациска мрежа
Македонија е само 18 отсто покриена со фекална канализациска мрежа, па граѓаните, немајќи поинаква можност, овој проблем го решаваат со изградба на септички јами, кои претставуваат закана по природната средина, но и по здравјето на луѓето.
Овој проблем особено се истакна последниве месеци, кога бегајќи од карантините во градовите, луѓето масовно се вратија во викендичките, кои во најголем дел не се приклучени на канализациска мрежа. Зголемената динамика на живеење во викенд-населбите ја наметна и потребата за почесто празнење на јамите, а некои се решаваат и за изградба на нови, со поголем капацитет.
Според некои истражувања, во руралните средини 79 отсто од тоалетите немаат пристап до градската канализациска мрежа, односно се приклучени на септички јами. Токму овој начин на функционирање е директна закана за почвите и подземните води, ако се има предвид дека викенд-населбите и руралните средини користат вода од бунари, а земјиштето се користи за одгледување разни земјоделски култури.
– Изградив нова јама, со поголем дијаметар и поголема длабочина. Досегашната јама веќе не ги задоволува капацитетите, бидејќи почесто престојуваме во викендичката, а последните три месеци целосно сме преселени тука. Ние сме четиричлено семејство, секој ден некој се бања, се вклучува машина за перење, едноставно произведуваме неколкукратно повеќе отпадна вода, поради што јамата се наполни, па викавме служба за празнење – вели Мишко Даниловски, сопственик на викендичка во скопско Соње.
Тој додава дека комуналната инфраструктура во повеќето викенд-населби и места надвор од поголемите градови останува нерешена со децении.
– Откако паметам, кога моите ја изградија викендичката во Соње, постојано се зборува дека ќе добиеме вода и ќе се гради канализација. Оттогаш поминаа 30 години, ниту имаме вода ниту, пак, канализација. Затоа оваа пролет изградив многу поголема јама, бидејќи очигледно живеењето настрана од големите градови станува сè попривлечно – додава Даниловски.
Според податоците од националниот извештај на Здружението на даватели на комунални услуги на Македонија (АДКОМ), во 2015 година скопската општина Илинден била покриена со фекална канализација само 15,7 отсто, Кичево тогаш било покриено само 59,36 отсто, Чашка 39,39 отсто, а Дојран имал само 43,87 отсто фекална канализација. Податоците за 2016 година покажуваат дека Крушево имало покриеност од 55,05 отсто, а Охрид 89,69 отсто, додека Гостивар само 40 отсто.
Локалните власти тврдат дека самите немаат капацитет да изведат вакви инфраструктурни проекти и дека со помош на централната власт се прават напори да се изгради канализациска мрежа во сите места.
Познавачите на состојбите во градежништвото со кои се консултиравме велат дека септичките јами што се градат низ земјава се целосно небезбедни, бидејќи се изведуваат нестручно.
– Ако ме прашате мене, во 21 век воопшто не треба да постојат септички јами. Но нашата реалност е таква што дури и во главниот град имате населби со септички јами, а не, пак, надвор од градовите. Јамите се прават плитко, најчесто по ѕидовите се реди камен, дното не се бетонира, така што фекалните води лесно наоѓаат пат надвор од јамата и директно ги загрозуваат почвата и подземните води. Класичен пример како не треба да се градат – вели Ангел Николов, градежник.
Тој додава дека напролет, некогаш поради зголемените врнежи, често се случува да се крене нивото на подземните води и со тоа се полнат и септичките јами, а фекалиите се прелеваат насекаде.
– Треба да се води сметка каде се гради јамата, дали во близината има бунар за вода, куќа и слично. Моја препорака, ако веќе нема друго решение, е да се вградат пластични непроточни двокоморни септички јами, кои се наменети за отпадни води од домаќинствата. Од нив фекалните води не можат да излезат, а тие лесно се празнат со цистерни и нема никаква опасност од загадување на околината – посочува Николов.
Од невладината организација „Новинари за човекови права“ потврдуваат дека во државава има мала покриеност со фекална канализација, но нудат и еколошко решение, таканаречен сув тоалет за средините во кои нема фекална канализација.
– Предностите на овие тоалети во однос на полските клозети се многубројни: не се загадува почвата, нема опасност од загадување на извориштата на пивка вода, нема непријатна миризба, нема непотребно трошење вода – вели Филип Спировски, претседател на „Новинари за човекови права“.
Тој додава дека фекалните остатоци во овие тоалети може да се преработуваат и подоцна да се користат како ѓубриво.
– Урината е богата со азот (53 отсто) и со разредување и соодветно третирање може да се употребува како ѓубриво. Фецесот во овие тоалети е подложен на сушење. Целта на сушењето е да се уништат патогените и паразитите. Тоа се прави со посипување со пепел или струганици од дрва или, пак, друга сува материја. По период од една година и ова претставува ѓубриво погодно за земјоделството – појаснува Спировски.
Од Министерството за транспорт и врски велат дека во тек е изградба на вкупно 103 километри канализациска мрежа, со што се опфатени околу 49.700 жители во земјава. Оттаму појаснуваат дека се гради фекална канализација во Арачиново, Вевчани, Градско, Делчево, Карбинци, Свети Николе, Сопиште, Чашка, Демир Хисар, Долнени, Визбегово…
Првично во буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2020 година за изградба на канализации и водоводи преку Европската инвестициска банка се предвидени 446.000.000 денари.