За разлика од претходните неколку години, пролетва пчеларите од Кичевско не можат да се пожалат на погодностите поврзани со природата и цветањето на растенијата. Околу два месеца пчелите се активни, и како се одвива цветањето на овошките и ливадите, така пчелите се насочуваат кон тие култури. Очекувањата се дека по неколку сиромашни години пчеларите ќе имаат бериќетна година.
Се течеше според посакуваната динамика до студениот бран кон крајот на мај кој ја зафати нашата земја, што предизвика застој и кај активностите на пчелите.
– Имавме пролет каква што може да се посака, пчеларниците беа јаки со голем број на пчели, а како одминуваше времето така се одвиваше цветањето во природата и активностите на пчелите. Се започна од цветањето на дренот, потоа на сливите, јаболката и на црешите. Дојде редот и за собирање на ливадски мед, а последните две недели пчелите се насочија на багремот, кој годинава можеше да даде голем придонес во добрата година, но студот го прекина замедувањето на багремовиот цвет, што се одрази и врз намалената активност на пчелите. Би било најдобро да заврши овој студен бран и повторно пчелите да продолжат со својата активност, и конечно да имаме една добра година во која ќе ни се вратат барем дел од инвестициите вложени во оваа гранка – вели Коста Галиманоски, претседател на З.З.П. „Виножито“ од Кичево.
Тој додаде дека Поречието е идеално за одгледување на пчели, бидејќи има три висински зони и секоја зона има одредени култури, што овозможува собирање на мед во подолг период од годината, а со тоа и приносите да бидат поголеми и константни. З.А.