Францускиот весник „Л’екип“ тврди дека шефот на Инеос, Дејв Брејлсфорд, им ветил лидерство на тројцата возачи. Во велосипедизмот лидерот на тимот ја има целосната поддршка од другите колеги што „работат“ за него

Тимот на Инеос не им дава рани ветувања на Крис Фрум, Еган Бернал и на Герент Томас во врска со лидерската позиција на Тур де Франс, односно сите се „охрабрени“ да се подготват за такво нешто. Одлуката за тоа кој ќе биде тимски лидер најверојатно ќе биде донесена по завршувањето на трките во јули, врз основа на формата на секој велосипедист и на стратегијата на тимот за Тур.
Шпекулациите за лидерството меѓу победниците на Тур во претходните три години се интензивираа последните неколку недели. Минатогодишниот победник, Колумбиецот Бернал, рече дека нема да се жртвува за други, додека четирикратниот шампион Фрум наводно контактирал со ривалските тимови за трансфер во средината од сезоната.

Францускиот весник „Л’екип“ тврди дека шефот на Инеос, Дејв Брејлсфорд, им ветил лидерство на тројцата возачи. Во велосипедизмот лидерот на тимот ја има целосната поддршка од другите колеги што „работат“ за него.
– Во тим со тројца претходни победници на Тур, сите се способни да го предводат тимот и сите се охрабрени да се подготват за тоа. Многу работи се променија во нашиот спорт и конечната одлука за улогите ќе биде донесена кога ќе бидат достапни повеќе информации за формата на секој велосипедист и која најдобро ќе одговара на целокупната стратегија на тимот. Со оглед на силата на годинашните ривали, знаеме дека колективот, единството и искуството на нашиот тим ќе пресуден за победа – изјави портпаролот на тимот за „Сајклинг нуз“.

Фрум инсистира дека е во врвна форма и оти е способен по петти пат да триумфира на Тур де Франс. На „Скај Италија“ тој зборуваше за лидерската дилема во Инеос.
– Јас сум подготвен за Тур, исто така и да бидам лидер на тимот. Тројца лидери? Секој ќе сака да победи, но најважното е екипата да победи – смета Фрум.
Но „Л’екип“ сугерира дека Фрум се сомнева дека три конкурентни интереси можат да бидат избалансирани и оти смета дека е можно лидерството да се подели меѓу двајца, но меѓу тројца тешко.