Попуштаат рестриктивните мерки, се отвораат границите на Балканот и во Европа
Европските земји најавија отворање на границите и нормализирање на состојбите предизвикани од пандемијата на ковид-19, а во таа насока и во Македонија. Комисијата за заразни болести вчера препорача олабавување на рестриктивните мерки, како отворање на кафулињата, отворање на границите од 1 јуни и укинување на полицискиот час, а за што Владата требаше да се изјасни на седница закажана по затворањето на весникот.
Инаку, според последните податоци, вкупната бројка на заболени од новиот коронавирус во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2.014 лица, бројката на оздравени пациенти е 1.453, на починати е 116, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 445. Во последното регистрирано деноноќие се потврдени 16 нови случаи, оздравени се 14, а починати се 3 лица.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во изминатите 24 часа се примени три нови пациенти, хоспитализирани се вкупно 56 пациенти. На кислородна поддршка се 25, на механичка вентилација се тројца пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ се примени пет нови, а вкупно хоспитализирани 22 пациенти. На респиратор се седум, a со потешка клиничка слика се уште пет пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани четири пациенти, а на домашно лекување се следат уште четири пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани пет пациенти, на домашно лекување се следи еден пациент. На инфективните одделенија во Велес, Куманово, Прилеп и Охрид се хоспитализирани 41 пациент позитивни и сомнителни на ковид-19.
Изминатите 24 часа починале три лица од ковид-19, пациентка од Велес на 78-годишна возраст, пациент од Тетово на 84 години, како и скопјанка на 76-годишна возраст.
Од земјите во регионот, Србија од почетокот на пандемијата има најмногу заболени, 11.193 лица, 5.920 се оздравени, а 239 починати. Следува БиХ со 2.406 заболени, 1.696 оздравени, а 146 починати.
Во Хрватска се регистрирани 2.244 заболени, 2.035 оздравени и 100 починати. Во Албанија засега има 1.004 заболени, 795 оздравени и 32 починати, додека бројот на заболени во Словенија од почетокот на пандемијата изнесува 1.469 луѓе, од нив 1.346 се оздравени, додека 107 починале.
Најмал број на заболени има во Црна Гора, 324, деветмина починале, а 315 оздравеле. Оваа земја од неодамна прогласи дека е безбедна од корона-заканата.
Во светски рамки има над пет милиони заболени од ковид-19, поточно 5.603.558 луѓе. Досега починале 348.194 луѓе, а оздравеле 2.381.855 пациенти.
САД се на прво место со 1.706.226 заболени, 99.805 починале, а 464.670 оздравени. Бразил е на второ место со 376.669 заболени, 23.522 починати и 153.833 оздравени. Во Русија бројот на заболени изнесува 362.342 луѓе, 3.807 починале, а 131.129 се оздравени. Следуваат Шпанија, Обединетото Кралство, Италија и Франција.