Луѓето што го изгубиле чувството за вкус или мирис, се препорачува да бидат тестирани за коронавирус, откако аносмијата е препознаена како трет симптом на инфекцијата, што го оправдува тестот, се наведува во новите инструкции издадени од британската влада.
Британските медицински експерти велат дека губењето на двете сетила треба да биде знак дека е потребно тестирање, дури и ако другите два симптома се отсутни, односно пациентот нема постојана кашлица и висока температура, пренесува „Гардијан“.
Истражувањето на владината советодавна медицинска група НЕРВТАГ, покажало дека меѓу 24 и 29 март, 59 проценти од позитивните на ковид-19 кои се пријавиле преку апликација за следење на симптомите, доживеале губење на чувството за мирис и вкус.
– Во комбинација со другите симптоми, луѓето кои доживеале губење на чувството за мирис и вкус, имаат трипати поголеми шанси да бидат заразени со коронавирус – вели професорот Тим Спектор од Кралскиот колеџ во Лондон.