Уште со производството на првите автомобили со наједноставни и примитивни мотори, постојат луѓе што биле посветени да создадат најбрзо возило на светот. Со текот на годините оваа посветеност еволуира дотаму што најбрзите автомобили се и врвот на автомобилската технологија, односно во нив да се вградени сите иновативни и нови технологии, за тие со времето лесно да ги надминат границите од 300, па дури и од 400 километри на час.
Ако се потсетиме на еволуцијата на автомобилите, напредокот на технологијата при конструирањето на моторите и сите други аспекти на создавање на возилата, можеби изгледа и неверојатно тоа што производителите денес можат да создадат возило што забрзува од 0 до 100 километри на час за помалку од 3 секунди и остварува брзини слични на оние што ги достигнуваат авионите.
Како и да е, брзинските рекорди со декади биле во фокусот на луѓето во авто-мото индустријата, но најголемиот развој и напредок на ова поле се случуваат некаде на половината на 20 век, кога произведувачите започнале сериозно да се посветуваат на тоа нивните автомобили да бидат екстремно брзи и моќни. Одличен пример за ова е моделот на „Јагуар“ наречен „икс К 120“, именуван по максималната брзина што може да ја достигне (127,49 милји на час/205 километри на час).
Кратко по „Јагуар“, „Мерцедес“ се вклучува во конкуренцијата и со својот „300СЛ гулвинг“ стигнува до границата од 225 километри на час, за првпат во 1955 година. Британците, како одговор на брзината на германскиот произведувач, го создале „астон мартин ДБ4 ГТ“ во 1959 година, кој ја достигна брзината од 241,4 километри на час, рекорд што истата година ќе биде надминат од „исо грифо“, кој тогаш ја достигнал брзината од 257,4 километри на час.
Не долго време по ова, прекрасната „ламборгини муира“ достигнала брзина од 273,5 километри на час, за истата таа да биде надмината од друго „ламборгини“ (коунтач) со брзина од 289,6 километри на час во 1980-тите години од 20 век. Неверојатниот „Ф40“ на „ферари“ во 1987-та првпат достигнал брзина од 321,8 километри на час (200 милји на час) и поставил брзински рекорд што многу производители се обидувале да го достигнат.
Сепак, во светот на брзинските рекорди работите станале навистина интересни кога повторно во оваа конкуренција се вклучиле Британците. Шест години по рекордната брзина на „ферари Ф40“, „Мекларен“ успеале да достигнат брзина од 370,1 километри на час во Формула 1. Револуционерното возило од градот Вокинг на дизајнерот Гордон Мареј навистина создаде услови во кои другите произведувачи морале сериозно да работат да го достигнат овој успех. Требало да изминат дури 12 години за конечно да биде совладан рекордот на „мекларен“ и тоа го сторил неверојатниот „бугати вејрон“, но овој „мекларен“ останува во историјата како возило што ја надминало бариерата од 350 километри на час.
„Вејрон суперспорт“ со 1.200 коњскиот квад-тубо В-16 мотор, поврзан со погон на 4 тркала и специјално дизајниран изглед со перфектна аеродинамика, во 2010 година достигна неверојатни брзини од 431,1 километри на час и официјално беше прогласен за најбрз автомобил на светот. Гинисовиот светски рекорд по неколку контроверзни одлуки и недоразбирања, конечно во 2017 година го презема „коенигсег агера РС“, кога на патеките ја достигна најголемата брзина во историјата за класичен автомобил, постигнувајќи 447,2 километри на час, станувајќи најбрзото возило во историјата на автомобилите.