Кинескиот град Вухан планира да ги тестира сите 11 милиони жители за ковид-19. Планот е уште во рана фаза, при што сите области во Вухан треба да достават детали за тоа како да се изврши тестирање за десет дена, јави Би-би-си.
Планот е објавен откако Вухан, каде што првпат се појави вирусот, забележа шест нови случаи изминатиот викенд, додека претходно последните нови случаи беа регистрирани на 3 април. Градот, кој беше во строг карантин 11 недели, на 8 април почна постепено да ги ублажува мерките.
Според кинеските медиуми, секоја област во градот треба да изработи десетдневен план за тестирање. Секоја област е одговорна за изработување сопствен план, заснован врз големината на населението и појавата на активно жариште на нејзина територија. Во документот во кој планот за тестирање се означува како „десетдневна битка“, се вели дека при тестирањето приоритет треба да им се даде на постарите луѓе и на густо населените заедници. Високи здравствени службеници од Кина, цитирани од весникот „Глобал тајмс“, пак, велат оти тестирањето на целиот град ќе биде невозможно и скапо.